Што е проблемот што Калифорнија секоја година катастрофално заглавува со пожари

Пожарите сезона 2020 се рекордно најкатастрофалните во историјата на Калифорнија, а ако се суди по минатите години, една од најбогатите сојузни држави во САД овој проблем нема да го реши ни за 2021.

Годинешниот август беше најтопол во „пишаната“ историја на Калифорнија, а 6 од годинешните пожари се во топ 20 најголемите пожари во историјата на Калифорнија (Август комплекс пожарот е и најголемиот на сите времиња).

На овие пожари им претходеа недели и недели со сув и топол воздух кои ја исцрпија речиси сета влага од шумите и грмушките низ Калифорнија, и го подготвија теренот за пеколно ширење на пожарите. (Ситуацијата не е ништо подобра ни поразлична ниту во Невада, Аризона, Јута, Колорадо и Ново Мексико.)

Првиот виновник според бројките е глобалното затоплување. Студија од 2019 објавена во журналот Ертс фјучр, наведува дека опожарените области во Калифорнија се зголемиле за пет пати од 1972. Иако пожарите стандардно се дел од еко-системот на Калифорнија, разликата е што сега сезоната на пожари секоја година трае се подолго а пожарите стануваат се поголеми и подеструктивни.

„Најосновниот рецепт за чудовишни пожари во 21-от век е: Земаш топол воздух, ни најмалку дожд, плус испарување на влагата од дрвјата, грмушките и почвата. Имаш неколку серии на долги и пространи суши, и дрвјата и грмушките се претвораат во идеална потпала која го храни пожарот. Колку е поголема областа што е зафатена, толку повеќе има гориво за пожарот. Сè што ти треба е искра, која може да дојде од курцшлус на далековод, цигара или петарда,“ со објаснува во текстот на Вокс.

Сегашните процени се дека температурите ќе продолжат да растат, а воздухот и почвата во некои делови од Калифорнија ќе станат уште посуви. Се очекуваат уште почести и поинтензивни суши, по кои ќе следуваат интензивни периоди на дожд. Проблемот со ова е што ваквото време поттикнува растење на густи жбунови,  па кога ќе се исушат во период на суша стануваат потпала за пожарот.

Згора на ова, глобалното затоплување не дозволува доволно паѓање на ноќните температури, што стандардно овозможува кревање на влагата во текот на вечерта што знае и да загуши дел од пожарите. Заради ова годинава еден од пожарите во тек на само една вечер опфати над 400 километри квадратни уништувајќи ги речиси сите објекти во една населба со 500 жители.

Втор фактор е начинот на кој што се менаџираат тамошните шуми. На кратко во 1990-те шумарската индустрија во Калифорнија почнува соголените пространства, кои претходно природно се развивале па имале делови исклучиво со жбунови и грмушки, кои потоа се прелевале во празни пространства па во шума, по сечењето да ги засадува со само една сорта на дрва (монокултура), притоа уништувајќи ги сите природни бариери, што ги прави крајно подложни на ширење пожари.

Кон проблемите придонесува и една бирократска одлука од почетокот на 2000-те, кога тамошните парк ренџери се спојуваат со противпожарните бригади, кои доминираат со број на луѓе и опрема. Проблемот е што ренџерите до тогаш практикуваат селективно потпалување пожари кои го чистат теренот од потенцијално гориво за големите пожари, „а пожарникарите гасат пожари, тие не палат селективни пожари“.

На сите овие проблеми во секторот пожари, се натопорува уште еден за кој идентично нема волја за решавање како и кај глобалното затоплување – постојаниот раст на популацијата на Калифорнија и недостатокот на место за живеење, што констатно се решава со градење на нови, дотогаш недопрени предели од државата. Моментално над 11 милиони луѓе, или една третина од популацијата на Калифорнија, живеат во ВУИ предели (wildland-urban interface - WUI) кои се најподложни на пожари.

Процента е дека до 2050, 645.000 нови куќи во Калифорнија ќе бидат изградени во зони со „многу висока“ опасност од пожари. (Ова па се поклопува со периодот во кој се очекува дека народ ќе почне да се повлекува од крајбрежните предели на Калифорнија заради опасноста од се повисоките нивоа на океанот.)

Врз сите овие мрачни прогнози тамошните жители имаат и еден новокомпониран проблем со осигурителните компании кои, по исплатените милијарди долари оштета во претходните неколку години, почнаа да одбиваат да ги обноват осигурителните полиси за пожар во деловите од Калифорнија склони кон опожарување.

 

11 септември 2020 - 13:13