Во 2022 шпанската влада воведе закон за само-идентификување кој го поедностави начинот за формализација на транзиционирањето, а во исто време воведе и нови мерки за привлекување на што е можно повеќе жени во војската и полицијата.
До сега само во шпанската територија Сеута во Северна Африка неколку дузини мажи ја искористиле оваа можност и се пишале како жени, додека само четворица од нив го смениле и своето име.
Десетарот Роберто Пердигоњес, кој минатата година се регистрира како жена, сега заработува поголема плата и живее во подобро сместување.
„Од надвор се чувствувам како хетеросексуален маж, но од внатре јас сум лезбејка. А важно е тоа второто. Затоа и ја направив оваа легална промена и станав жена,“ ќе објасни, и понатаму брадестиот десетар, за шпанскиот Ел Еспањол.
Со самото тоа што е жена на Пердигоњес му скокнала и идната пензија, а бидејќи има дете а по ново се идентификува како жена, тој добива и 15% поголема плата за тоа што е мајка. Нему, како жена, му било дозволено да носи и подолга коса и обетки, кои мажите не смеат да ги носат.
Во касарната во Сеута, Пердигоњес добил и приватна соба и сопствен тоалет, бидејќи како жена не може да се меша со мажите и објаснува „не можам да бидам со мажите бидејќи сум жена, и сметам дека не е соодветно да бидам заедно со биолошки жени од почит кон нив.“
Шпанскиот закон за транссексуалци предвидува дека секој може да го промени полот што му стои во личните карти и пасошите со тоа што само формално ќе ја побара промената, без никакви дополнителни барања од типот на физички или медицински извештај како што беше претходно.
Во исто време Шпанија има намера да го зголеми бројот на жени во војската и полицијата на најмалку 40% од вкупниот состав.