
Рон Џонсон, републикански сенатор од Висконсин, објави дека бара информации и документација за да може да свика нови сослушувања во Конгресот во врска најголемата траума на Американците во поновата историја – терористичкиот напад врз Њујорк и Вашингтон пред 25 години, во кој загинаа речиси 3.000 луѓе.
Џонсон е претседавач со Постојаниот поткомитет за истраги на Сенатот, еден од најпознатите и најмоќните панели на Конгресот со далекусежна јурисдикција и широчина за истраги. Комисијата истражувала воено профитерство, организиран криминал и глобалната финансиска криза во 2008 година.
Во интервју за подкастот на Бени Џонсон, сенаторот повторно го отвори прашањето дали една од кулите на Светскиот трговски центар во Њујорк била урната „контролирано“ или паднала како последица од ударот на авионите во кулите близначки.
Зградата 7 во комплексот на Светскиот трговски центар се урна неколку часа откако патничките авиони удрија во стокатните близначки. Официјалната верзија е дека 47-катницата со деловни простории попуштила поради повеќечасовното дејство на неконтролираниот пожар во урнатините на СТЦ.
Меѓутоа не запреа теориите дека начинот на кој се урнала Зградата 7 укажува на дејство на поставен експлозив, што ја одржува во живот уште поголемата теорија дека целиот центар бил уништен намерно. Сенаторот Џонсон тврди дека била „корумпирана“ истрагата од Националниот институт за стандарди и технологија.
Што всушност се случи на 11 септември? Што знаеме? Што се прикрива? Моја претпоставка е дека се крие многу од она што американската влада го знае за 9/11, изјави Џонсон.
За сите четири авиони што удрија во кулите-близначки во Њујорк, во зградата на Пентагон во Вашингтон и за оној што се урна во Пенсилванија, беа одржани многу сослушувања во Сенатот и Претставничкиот дом. Фокусот на независната двопартиска комисија беше да се откријат безбедносните и разузнавачките пропусти од тогашната администрација на Џорџ Буш поради кои нападите не биле спречени.