Се враќаат рампите во Шенгенската зона без граници

Шенгенската зона беше замислена и воведена за да ги приближи луѓето од Европа, да им ја прошири слободата и да ја олесни трговијата. Луѓето се привикнаа да патуваат без напорни контроли, половина од членките воведуваат гранични контроли за да ја запрат нелегалната миграција. Светот многу се промени од 1985 година, забележува белгискиот министер за внатрешни работи.

Пред точно 40 години министри од Белгија, Германија, Луксембург, Франција и Холандија со бродот „Принцеза Мари-Астрид“ отпловија по реката Мозел до тројната граница во срцето на Европа. Близу малата луксембуршка општина Шенген со потпис се обврзаа дека постепено ќе ги отстранат проверките на меѓусебните граници.

Визијата се прошири во најголемата зона за слободно патување во светот. Без гранични контроли патуваат 450 милиони луѓе од 29 земји, вклучувајќи и четири што не се членки на ЕУ.

Од овој месец, дури 11 членки на Шенгенската зона ја известија Европската комисија за плановите за повторно воведување на граничните контроли. 

Шенген се топи пред нашите очи, изјави шпанскиот европратеник Хуан Фернандо Лопез Агилар.

Првиот бран контроли беа вратени за време на пандемијата, кога земјите од ЕУ ги затворија своите граници за да го спречат ширењето на ковид. Лопез Агилар предводеше иницијатива за рестартирање на зоната за слободно патување.

Од пандемијата наваму работите сериозно се влошија. Земјите премногу често почнаа да прибегнуваат кон внатрешни контроли, вели европратеникот.

Како причина за граничните контроли Германија лани наведе „сериозни закани за јавната безбедност поради нелегалната миграција“. Новиот канцелар Фридрих Мерц ги удвои контролите. Поради миграцијата контроли воведоа и Словенија, Италија, Австрија, Холандија, Франција и Бугарија.

Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтин вели дека привремените засилени контроли не ги нарушуваат принципите на Шенгенската зона.

Ситуацијата во Европа и остатокот од светот многу се промени од 1985 до 2025 година. Еволуираат и правните рамки, изјави Квинтин. Но тоа не треба да им го отежнува животот на луѓето да ги преминуваат границите, кои одамна станаа виртуелни.

14 јуни 2025 - 14:08