Само што стана потешко да се бориш против ИСИС

Позитивното во американското ракетирање на Сирија според Енрду Ексум од Атлантик е што сега САД имаат посилна преговарачка позиција, негативното е што САД самите на себе си ја отежнаа борбата против најголемата терористичка закана во светот.

За разлика од Џон Кери кој требаше во преговорите со Сирија, Иран и Русија да настапува засенет од позицијата на Обама дека нема да изврши напади во Сирија, и што низ цела 2016 резултираше со прилично понижувачки преговори со Русија (од почетната позиција да се симне ал-Асад, на крај Американците се бореа да им биде дозволено да испратат хуманитарна помош во Источно Алепо), сега Тилерсон доаѓа како претставник на претседател кој е подготвен да употреби воена сила.

Проблематичниот дел околу американските напади, е тоа што во нив може несакајќи да бидат убиени и Руси присутни на теренот во Сирија. Администрацијата на Трамп ова го избегна со тоа што им го најави нападот на Русите, па тие имаа доволно време за евакуација.

Втората половина од проблемот е што нападот ја комплицира ситуацијата на терен за самите Американци. И покрај сето непријателство што се пренесува во медиумите, на терен американската авијација во последните две години без проблеми леташе над и околу еден од најробусните противвоздушни одбранбени системи во светот, без притоа нејзините пилоти да бидат како било попречувани од сириската одбрана. Освен неколку блиски средби, воздушните операции на САД се оставени да минат без пречки.

И покрај нападите, Русите и сириската армија и понатаму се добро позиционирани да можат инстантно да се претворат во пречка за американските воздушни операции. Во изминатите две години сириската противвоздушна одбрана и дополнително се модернизираше со руски воени системи, кои неколку пати "случајно" испукаа на бунтовнички групи поддржани од САД кои се борат против ИСИС.

(Епа зошто тогаш сириската одбрана не беше успешна против американскиот напад? Процената е дека заради навремената најава од САД, била извршена евакуација на терен, па противвоздушната одбрана не била активирана. Ова тврдење го дополнува и бројноста на ракетите испукани од САД, речиси 60 Томахавк проектили, бројка што аналитичарите ги наведува на заклучок дека во акцијата било земено предвид активирањето на сириската противвоздушна одбрана.)

8 април 2017 - 11:55