
На 8 април двопартиска комисија на Конгресот на САД предупреди дека Кина брзо напредува со застрашувачка нова воена закана: генетски модификувани „супервојници“. Националната безбедносна комисија за биотехнологии (NSCEB) ги повика властите да одговорат со огромни напори за милитаризирање на биотехнологијата, иако во извештајот не се нудат конкретни докази дека такви кинески програми воопшто постојат.
Во објаснувањето за документот, Конгресната служба објаснува дека „биотехнологијата потенцијално би можела да го надгради земјоделското производство, да ја трансформира здравствената заштита и да ја промени иднината на компјутерската моќ“. Но, фокусот е на користење за воени цели, како создавање „генетски подобрени војници“.
Биотехнологијата ветува нови предности за притајување и мобилност. Динамичната биолошка камуфлажа, на пример, може да ги заштити борците од термичка детекција, а биосензори би можеле во реално време да ги приспособат параметрите на мисијата врз основа на физиолошки податоци. Овие достигнувања севкупно бараат фундаментално преиспитување на тоа како биологијата може да поддржи одржливи, агилни воени операции, вклучувајќи заздравување и лекување сили на теренот, се наведува во извештајот.
Еден ден по објавувањето на извештајот, претседавачот Тод Јанг и комесарите Алекс Падила, Стефани Бис и Ро Кана го предложија Законот за национална биотехнолошка иницијатива „за да се зајакнат националната безбедност, економската продуктивност и конкурентноста на САД“.
Извештајот ја одразува нерационалната параноична политика зад милитаризацијата и монетизацијата на вештачката интелигенција во САД, забележува независниот новинар Питер Бирн за MintPress News.
Тој вели дека научно сомнителниот извештај е поддржан од владата и корпорациите за да се користи вештачка интелигенција за биолошко надградување на капацитетите на воените сили.
Британското Министерство за одбрана пред четири години објави извештај со слични наоди. Работилници за иновации на НАТО во 2020 и 2021 година објавија низа бизарни трудови на тема „когнитивно војување“. Голем дел од содржините веќе се отстранети од интернет, но достапни документи говорат дека „НАТО се стреми кон глобална доминација за когнитивно војување“.
Креаторите на политиката повторно се повикуваат на супериорност на непријателските држави за да оправдаат етички матни и потенцијално нелегални програми. Како и за време на Студената војна, кога претераните тврдења за советска нуклеарна супериорност и кинеско перење мозок предизвикаа децениски трки во вооружување, заклучува Кит Кларенберг од MintPress News.