САД протерале француски академик поради критики за Трамп

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс среде Минхен ѝ одржа лекција на Европа дека не може да се брани ако ја задушува слободата на говор. Три недели подоцна САД протеруваат француски академик само поради тоа што во телефонот му нашле пораки во кои ја критикувал политиката на Трамп. Му „простиле“ и не го обвиниле за тероризам.

На француски академик не му било дозволено да влезе во САД само поради тоа што ги критикувал политиките на американскиот претседател Доналд Трамп.

Академикот, за кого е објавено само дека работел во вселенскиот сектор, пристигнал во Хјустон на 9 март и на аеродромот бил издвоен на проверка по случаен избор. Му биле прегледани телефонот и компјутерот и биле пронајдени пораки во кои ги критикува политиките на Трамп против научно-образовните институции.

Не му било дозволено да стапне на американска територија и бил обвинет за „испраќање пораки што изразуваат омраза кон Трамп“ со предупредување дека „може да бидат квалификувани и како тероризам“, јави Франс прес.

Научникот бил депортиран, но обвинението било отфрлено.

Париз го осуди инцидентот како удар врз слободата на изразување и академската и научна соработка.

Американските власти ја спровеле мерката врз основа на комуникациите на научникот со колеги и пријатели во кои изразил личнен став за политиката на администрацијата на Трамп, соопшти Министерството за надворешни работи на Франција.

Кон средината на март американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на конференцијата за безбедност во Минхен ја обвини Европа дека ја задушува слободата на изразување на своите граѓани.

Длабоко сум убеден дека нема безбедност ако се плашите од гласовите, ставовите и совеста на вашите луѓе, порача Венс во Минхен.

Германија пред само неколку дена ги обнови советите за своите граѓани што имаат намера да патуваат во САД и ги предупреди дека „може да бидат запрени, приведени и протерани поради построгите имиграциски контроли“.

20 март 2025 - 15:24