САД ќе го бранат мирот во Украина со Ф-35 и томахавки

Ако биде постигнат договор за крај на војната, Вашингтон ќе ѝ ја гарантира безбедноста на Украина без да испраќа војници на терен, како што настојуваат европските сојузници на Киев. Главните средства за одвраќање би биле долгострелни проектили и борбени авиони, кои би биле активирани само при недвосмислени докази дека Русија тргнала во нова инвазија. 

Платинестите гаранции што САД ѝ ги понудиле на Украина се слични на билатералните договори за одбрана со Јужна Кореја и со Јапонија. Би требало да бидат ратификувани од Сенатот за да бидат обврзувачки во иднина, без оглед на промените во Белата куќа.

Според планот што американските посредници го претставиле на состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски и европските лидери во Берлин, во првата фаза би била воспоставена мисија предводена од САД, која би го следела почитувањето на прекинот на огнот и би посредувала во евентуалните спорови, за да се запрат судири пред да ескалираат. Во случај руската страна сериозно да го прекрши примирјето, или ако почне нова инвазија, Вашингтон ќе реши дали да возврати со „смртоносна сила“.

При такво сценарио, би биле активирани американските борбени авиони ф-35, проектилите томахавк и слични системи стационирани на територијата на членките на НАТО. При екстремни ситуации, овие оружја би можеле да се користат и за прекугранични напади против воени цели длабоко на територијата на Русија. 

Американската воена интервенција би била одобрена само ако има јасни и недвосмислени докази за агресивна воена акција на Русија. Се отфрла можноста за превентивни напади, како што неодамна побара адмиралот Џузепе Драгоне, претседавач на Воениот комитет на НАТО.

Германија, Франција и Британија, инсистираат на испраќање превентивни трупи во Украина, иако на тоа категорично се противи Русија, која исто така мора да го прифати мировниот договор. Коалицијата на добронамерните бара распоредување мултинационални сили за „помирување“ во Украина. Нивната примарна улога би била обука на повоената украинска војска, контрола на воздушниот простор и обезбедување на клучните бродски рути на Црното Море.

Европските лидери истакнуваат дека присуството на меѓународните сили би послужило како оска што би ја забавило евентуалната руска инвазија додека не пристигнат засилувања. Во заедничкиот предлог, сепак, не се дефинирани правилата за ангажман при директен контакт на овие сили со руската војска. 

Сè уште треба да обезбедиме вооружените сили на Украина да имаат сила да се спротивстават на каква било руска агресија и сега и во иднина, истакна генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

За да се задоволат барањата на Русија, која инсистира на долгорочен и одржлив мировен договор во Европа, во кој би биле елиминирани пошироките причини поради кои почна војната, Украина веќе се откажа од членство во НАТО, а ќе треба да го намали бројот на војниците и да се откаже од долгострелните оружја со кои би можеле да ги гаѓа Москва или Санкт Петербург.

Гаранциите се важен дел од очекуваниот мировен договор, но преостанува да се надминат главните проблеми – Киев треба да ги повлече своите сили од Донбас, а Москва да прифати дека безбедносните гаранции за Украина нема да бидат закана за Русија. Следната рунда од преговорите помеѓу САД и Украина е закажана во Мајами за време на претстојниот викенд.

17 декември 2025 - 08:23