ЕУ ги блокира САД и Британија за вооружување

Голем пресврт во одбранбената политика на Европската Унија. На стратегиските партнери и водечките производители на оружје, пред сè на САД и на Британија, им е блокиран пристапот до идниот фонд за вооружување на Европа, освен ако не потпишат посебен пакт со Брисел. Во меѓувреме, ЕУ слободно ќе може да троши пари од фондот за оружје произведено во Македонија.

Водечките производители на оружје од САД, Британија и Турција нема да имаат пристап до новиот фонд од 150 милијарди евра на Европската Унија за зајакнување на одбраната.

Формирањето на фондот мора да биде одобрено од мнозинството членки на ЕУ.

Фондот ќе биде резервиран за производители на оружје од ЕУ и за компоненти произведени во земјите што потпишале договори за одбрана со Брисел. Меѓу нив е и Северна Македонија. На списокот се и Норвешка, Молдавија, Албанија, Украина, Јапонија и Јужна Кореја.

Фондот ќе биде недостапен ни за оружјето што е произведено со лиценца во Европа или партнерските земји, ако конструкторот го задржал правото да го ограничува неговото користење. 

Овој потег се смета за победа на Франција и на другите европски земји што инсистираа кампањата „купувајте европско“ да се спроведува и за одбраната. Целта е долгорочно да се надмине зависноста од американско оружје.

Британија упорно притискала да биде вклучена во иницијативата. Лондон има главна улога во „коалицијата на волја“ за зајакнување на континенталната одбрана. Преговорите за поблиско интегрирање со ЕУ запнале поради спротивставени ставови за прашања како правото на риболов и миграцијата.

Добро е што Британија ја сметаат за дел од Европа. Но ако ЕУ, а особено Франција, поставува препреки, тоа ја поткопува идејата за заедничка и обединета одбрана и безбедност на Европа, изјавил за „Фајненшл тајмс“ инсајдер од британската воена индустрија.

19 март 2025 - 15:32