САД фрлиле 1.600 милијарди долари на банални и опасни проекти

Извештајот Фестивус на сенаторот Ренд Пол за расипничките трошоци на федералните власти вообичаено служи за отрезнување на Американците по новогодишното празнување. Во време на рекордно задолжување, САД потрошиле стотици милијарди долари на банални проекти како опивање ласици и дрогирање кутриња, но и на експерименти со вируси во Вухан. 

Оваа година сумата на расипнички фрлени пари, според извештајот Фестивус, е неверојатно висока. Федералните власти на САД потрошиле се вкупно 1.639.135.969.608 долари, вклучувајќи ја исплатата на камати на огромниот долг. 

САД имаат долг од над 38.400 милијарди долари, а каматните исплати достигнале 1.220 милијарди за 2025 година, што е рекорд на сите времиња. Каматата сега е трет најголем трошок во федералниот буџет - надминат само од социјалното и здравственото осигурување, забележува сенаторот Пол во извештајот.

Во некои случаи трошоците за банални проекти изгледаат ниски. Но, тие се собираат и се таложат година по година, особено затоа што федералната влада продолжува да троши многу повеќе пари отколку што собира. Тоа значи дека секој бесмислен или опасен медицински експеримент фрла пари од даночните обврзници во фискалната тоалетна школка и така ги зголемува и долгот и каматите.

Стејт департментот, на пример, дал 244.252 долари на групата Stand for Peace во Исламабад за да продуцира телевизиска цртана серија што ги учи децата во Пакистан како да се борат против климатските промени.

Министерството за здравство дало 3,3 милиони долари на Универзитетот Нортвестерн за вработување на 15 луѓе за да изградат „научни населби“, да постават „амбасадори на безбеден простор“ и да формираат бесконечни комитети за „демонтирање на системскиот расизам“.

Министерството за транспорт во времето на претседателскиот мандат на Џо Бајден добило 7,5 милијарди долари од Конгресот за станици за полнење електрични возила низ САД. Во функција се само 68 станици.

Извештајот Фестивус за 2025 година покажува дека од негрижа или намерно се повторуваат сериозни расипништва од минатото. Во годините по пандемијата многу извештаи укажуваа дека коронавирусот протекол од лабораторија во Вухан во Кина. Службениците за јавно здравје прво ги негираа, па ги цензурираа тврдењата поткрепени со докази, а на крај се покажа дека владата на САД делумно ги финансирала експериментите во Институтот за вирусологија во Вухан. Но, финансирањето за Институтот продолжило.

Фаучи и Министерството за здравство не беа единствените што ја финансираа лабораторијата во Вухан. Агенцијата УСАИД му дала на EcoHealth Alliance 54 милиони долари за собирање коронавируси од лилјаци, транспортирање во лаборатории како Институтот за вирусологија во Вухан заради експерименти за стекнување функции со глувци за да ги направи позаразни и смртоносни за луѓето... УСАИД продолжила да исплаќа милиони даночни долари на групата до средината на 2024 година, се забележува во извештајот.

Министерството за земјоделство во 2021 година, во времето на Џо Бајден, финансирало петгодишна соработка од 1 милион долари за користење на вируси на птичји грип помеѓу матичната организација на Институтот во Вухан контролирана од Кинеската комунистичка партија. Финансирањето го прекинала администрацијата на Трамп на почетокот на 2025 година.

Во извештајот се наведува и тековен проект според кој Националниот институт за злоупотреба на дроги им дава кокаин на кученца од расата бигл. На слична тема, Министерството за ветерани спроведувало експерименти со опивање млади ласици. 

Уште еден бесмислен и суров бисер од 14 милиони долари:

Истражувачите на Универзитетот Браун поттикнале мајмуни да ја играат видео играта „плинко“. Главите на мајмуните биле фиксирани за да се следи нивната мозочна активност и движењата на очите“. Заклучокот бил: „Мајмуните се многу добри во плинко“.

3 јануари 2026 - 11:33