Промената на стратегијата ја одразува зголемената загриженост откако во февруари истече рокот на New START, последниот преостанат договор помеѓу САД и Русија за стратешка контрола на оружјето. За измените е задолжен Елбриџ Колби, политичкиот потсекретар во Пентагон.
Нема детали за строго доверливиот документ, но извори на NBC News забележуваат дека Колби долго време укажува дека нуклеарната политика на САД премногу зависи од заканата од лансирање стратешки ракети со долг дострел способни да го уништат нуклеарниот арсенал на противникот. Наместо тоа, тој се залага за поголема употреба на тактичко нуклеарно оружје со помала разорна моќ и пократок дострел, наменето против воени цели, а не против градови.
Стратегијата нема да ги ограничи одлуките на претседателот за време на конфликт, туку ќе го прошири просторот со реални и веродостојни опции, со што ќе се зајакне одвраќањето, изјави за NBC News анонимен функционер од Пентагон.
Предлогот повторно ја отвори долгогодишната дебата за нуклеарната политика на САД. Критичарите на тактичкото оружје предупредуваат дека тоа го намалува прагот за употреба.
Пентагон стравува дека најголемите нуклеарни противници – Русија и Кина, ги засилуваат своите нуклеарни арсенали и стратегии. Москва веќе сигнализираше промена во септември 2024 година. Заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави дека Москва ќе ги олабави своите правила за употреба на нуклеарно оружје како одговор на „ескалацијата“ на Западот. Ова е дел од новиот и поагресивен концепт на надворешна политика усвоен во март 2023 година, кој идентификуваше „пријателски земји“ и сите други ги деградираше како противници.
Претседателот Владимир Путин ги формализираше промените во нуклеарната политика со декрет во ноември 2024 година, задржувајќи го правото да одговори со нуклеарно оружје на конвенционален напад оценет како „егзистенцијална закана“ за суверенитетот или територијалниот интегритет на Русија или на сојузничката Белорусија. Тоа е значително заострување на доктрината од 2020 година, кога нуклеарното оружје беше дозволено само како ако е загрозено постоењето на Русија. Оставен е простор за широко толкување што би претставувало „егзистенцијална закана“.

По промената, Русија во мај ја тестираше интерконтиненталната балистичка ракета „РС-28 Сармат“, а неколку дена подоцна спроведе и ненајавена вежба на нуклеарните сили на кои учствуваа 64.000 војници, 200 лансери на проектили, 140 авиони и 13 подморници, од кои осум се стратешки носачи на ракети.
Во меѓувреме и Кина брзо го проширува својот нуклеарен арсенал, но во стратегијата се придржува до ветувањето дека нема прва да употреби нуклеарно оружје. Пентагон проценува дека Пекинг сега има околу 600 оперативни боеви глави – што е околу една петтина од американскиот и рускиот арсенал – и предвидува дека до 2030 година таа бројка ќе достигне приближно 1.000. Кина развива и побрзи системи за рано предупредување, команда и контрола.
Вашингтон во декември 2025 година ја промени Стратегијата за национална безбедност, во која е предвидено можен судир на САД со Кина и со Русија. Новата Одбранбена стратегија беше објавена во јануари, со фокус кон одбраната на Америка и на Западната хемисфера како врвен приоритет. Кина беше претставена како „сила“, а Русија речиси и воопшто да не беше спомната.