САД бараат пристап до сите податоци на граѓаните на ЕУ

Вашингтон и Брисел преговараат за договор што би им дал на американските власти директен пристап до сите записи за граѓаните од базите за податоци на членките на ЕУ. Не само биометриски податоци и фотографии, туку и за политички активизам, дури и за сексуалниот живот. Земјите кои нема да се согласат ризикуваат да им бидат воведени визи за пристап во САД.

Размената на биометриски податоци е дел од Програмата за подобрено партнерство за гранична безбедност. Пристапот до базите на биометриски податоци е еден од условите за 24 членки на ЕУ чии граѓани се ослободени од визи за патување во САД. Вашингтон ги предупреди партнерите до 31 декември годинава да ги отворат базите. Оние што не ги исполнуваат барањата ризикуваат повторно да бидат воведени визи. 

Размената им овозможува на граничните служби и конзуларните претставништва на САД да ги проверуваат биометриските информации на секој патник, барател на азил или апликант за виза. Ако не се совпаѓаат отпечатоците од прстите со оние од базата, нема да му биде дозволен пристап во САД.

Брисел досега не дал вакво ниво на пристап на ниту една земја што не е членка на ЕУ. Брисел веќе постави законска рамка за трансфер на податоци на ниво на Унијата, но членките ќе договараат сопствени аранжмани со посебни услови кој тип податоци може да бидат споделени.

Со размената не се опфатени само податоци од пасошот, отпечатоци од прсти и фотографии, туку и „специјални“ категории, како политички ставови, членство во синдикати, дури и информации за сексуалниот живот. Законската рамка утврдена од ЕУ го дозволува сето ова ако преносите се „строго неопходни и пропорционални“.

Преговарачите од Брисел инсистираат на неколку елементи од договорот – реципроцитет во размената, ограничувања на собирањето податоци во голем обем, засилен човечки надзор на автоматизираните одлуки и проверка ако се негативни, строга контрола на податоците по размената заради спречување на трансфер на трети страни, како и правна заштита за Европејците ако им бидат злоупотребени личните податоци.

Отворени се и прашањата колку долго САД може да ги задржат преземените биометриски податоци, дали нивното користење ќе се ограничи само на гранични проверки или овозможува систематски скрининг на цели популации и каква правна заштита може реално да добијат европските државјани пред американски судови ако нивните податоци бидат погрешно обработени.

Агенцијата за царини и заштита на границите на САД неодамна потпиша договор од 225.000 долари годишно со Clearview AI за напредна технологија за препознавање лица и пребарување база на податоци од над 60 милијарди јавно достапни фотографии на интернет.

Агенцијата во декември побара од земјите ослободени од визи да се бараат и податоци за ДНК на граѓаните, а како услов за влез во САД бара поднесување на петгодишна историја на сите користени профили на социјалните мрежи, имејл адреси и телефонски броеви.

8 април 2026 - 15:59