Русија - САД, постудено од студено

Процената на рускиот министер за надворешни работи е дека односите меѓу САД и Русија не се ни како во времето на Студената војна.

Иако во годините по распадот на СССР нема инцидент како оној од Заливот на Свињите, меѓу САД и Русија моментално нема ни најосновна почит.

„За време на студената војна често се појавуваа крајно сериозни тензии и ризични кризни ситуации, меѓутоа исто така имаше и взаемна почит.

Мене ми изгледа како сега таа да е дефицитарна,“ изјавил Лавров во разговор со Асошиејтед прес.

Според многумина насоката во која се движат односите меѓу двете држави во многу ќе зависи од предложениот самит меѓу Бајден и Путин, кој би требало да се случи летово. Деновиве имаше повеќе извештаи од двете страни дека средбата би требала да се случи во европска држава кон средината на јуни.

Лавров во интервју за руската државна телевизија изјави дека Путин има позитивен став кон предлогот на американскиот претседател, меѓутоа дополнил дека Русија сепак треба да ги анализира сите аспекти на иницијативата.

Односите меѓу двете држави од отцепувањето на Крим секоја година редовно се влошуваат, само последнава година се дозна дека Москва најверојатно стои зад хакирањето на СоларВиндс софтверот кој го користат неброени американски институции и компании, а на почетокот од месецов Пентагон објави дека ќе испрати воени бродови во Црното море во знак на поддршка на Украина откако Русија, како дел од вежби, распореди воени сили на границата.

29 април 2021 - 19:23