Русија ќе стигне до Полска, ако се прашува Медведев

За поранешниот руски претседател Русија е неизбежен победник во војната во Украина, ако треба и со стигнување до границата на Полска, па и понатаму.

Единствен начин Русија да осигура траен мир со Украина е нејзините граници да ги оддалечи што е можно повеќе, па дури и до границата на Полска, напиша Медведев на годишнината од почетокот на воената операција во Украина.

Проблемот на Медведев со потенцијален договор со Украина и Западот, кој би се постигнал низ тешки преговори, е дека на договорот ќе му недостасува „фундаментална согласност за вистинските граници“, заради што Русија мора сега да ги прошири своите граници.

„Затоа е важно да се постигнат сите цели на специјалната воена операција. Што е можно повеќе да ги оддалечиме границите кои и се закануваат на нашата држава, дури и ако тоа се границите на Полска,“ напишал актуелниот заменик претседател на рускиот Совет за безбедност.

Полска на една страна се граничи со Белорусија и Украина, а единствената граница со Русија во должина од 200 км е со руската енклава Калининград.

Технички, секое пречекорување на полската граница ќе значи и директен судир меѓу Русија и НАТО.

24 февруари 2023 - 15:12