
Првиот човек на руската Дума, Вјачеслав Володин, порача дека изјавите на Меркел и Борел од ЕУ во кои се бара спроведување на истрага „посочуваат кон скриениот мотив за тоа што се случи.“
„Последователните изјави на Меркел и Борел нè тераат да ја погледнеме ситуацијата во поинакво светло и да се запрашаме дали ова е провокација од Германија или друга членка на ЕУ чија цел е нашата држава да биде обвинета за нешто ново,“ изјавил Володин.
Тој најавил дека ќе побара од комитетот за безбедност на руската Дума да „анализира што се случило за да се дознае дали ова било обид на странски држави да се наштети на здравјето на руските граѓани со цел да се создадат тензии во Русија.“
Ова најрано може да започне на 14-ти септември кога Думата почнува да работи по летната пауза.
Минатиот четврток на Навални ненадејно му се слоши за време на летот Томск-Москва, заради што авионот беше принудно приземјен во сибирскиот град Омск.
Докторите во Омск не открија никакви знаци на труење. Навални потоа беше префрлен во болница во Германија, каде тестовите покажаа дека рускиот опозициски лидер бил отруен.