Русија има изгубено 50.000 научници за 5 години

Ниту една држава нема изгубено толку многу луѓе што работат во науката, колку што Русија има во последните 5 години, порачал потпретседателот на Руската академија на науки Валентин Пармон.

„Сега, кога сите зборуваат за технолошки суверенитет и за иднина која зависи од технологија за која треба значителен научен напредок, проблемот е што на руската држава и недостасуваат тие што можат да го направат ова,“ порачал Пармон, кој е и претседател на сибирската филијала на РАН која деновиве стана актуелна откако се откри дека Русија уапсила тројца нејзини научници.

Пармон побарал „речиси трократно“ зголемување на државните финансии за истражување за да може во ова поле да се привлечат квалитетните луѓе и да се достигне „барем приближниот просек“ на останатите технолошки напредни држави.

Во април ректорот на Московскиот државен универзитет, Виктор Садовничиј, изјави дека бројот на научници во Русија под 30 години во изминатата деценија е паднат за 25%.

Пресметките на Московската висока школа за економија се дека на ниво на Русија вкупниот број на научници во 2021 паднал на рекордно ниски 340.100 луѓе. Процената е дека само од 2014, бројот на научници во Русија се намалил за 10,5% или 76.000 луѓе.

За време на распадот на СССР, Русија имала 992.000 научници, со што беше прва во светот.

19 мај 2023 - 10:40