Швајцарскиот Трибун де Женева, објавува дека 80-годишниот Николас Пуеш започнал постапка за посинување на својот градинар „од скромно мароканско семејство“. Французинот кој е петта генерација наследник на Тиери Ермес, нема ни сопруга ни деца. Ермес својот прв дуќан го отвора во Париз во 1837, денес таа е една од најголемите модни компании чија вредност се проценува на 220 милијарди долари.
Пуеш поседува меѓу 5 и 6 проценти од акциите на Ермес и со тие пари е еден од најбогатите луѓе во Швајцарија, каде што живее.
За наследникот освен што е со мароканско потекло, се знае уште и дека е оженет со Шпанка со која има две деца. Пуеш наводно веќе му го има препишано на градинарот својот имот во Маракеш и вилата во швајцарски Монтро, со вкупна вредност од 5,5 милиони евра.
Форчун пишува дека Пуеш е во конфликт со своето семејство уште од 2014, кога Луј Витон пробува да го купи Ермес, што делумно ја објаснува неговата одлука за оставање на целото наследство на градинарот. Магазинот објаснува и дека планот на Пуеш ќе има проблеми бидејќи постапката за посвојување на возрасно лице во Швајцарија е комплексна и меѓу другото кога возрасен сака да посвои друг возрасен бара посвојуваниот да живеел со посвојувачот барем една година додека бил малолетник.