Министерот за одбрана Михајло Федоров најави зголемување на производството на „беспилотни копнени возила“, кои веќе им помагаат на украинските војници на фронтот да носат опрема, да поставуваат мини, да евакуираат ранети, па и да напаѓаат руски позиции.
Клучната цел е 100% од логистиката на првата линија на фронтот да ја извршуваат овие роботи. Тоа би ги заштитило ранливите војници и транспортерите, изјави Федоров.
Тој истакна дека повеќе од 280 компании во Украина работат на развој и производство на роботи - „една од најдинамичните области во одбранбената технологија“. Поради зголемената побарувачка, Украина ќе нарача 25.000 нови роботи во првата половина од оваа година, што е двојно повеќе од лани.

Роботите забрзано се „мобилизираат“ на фронтот. Во декември врховниот командант на оружените сили Олександр Сирски изјави дека копнените роботи во втората половина од минатата година извршиле 2.000 мисии. Федоров сега изјави дека само во март им биле доверени повеќе од 9.000 опасни мисии на роботи. Претседателот Володимир Зеленски минатата недела објави дека копнените роботски сили извршиле повеќе од 22.000 мисии на фронтот во текот на изминатите три месеци.
Тоа значи дека повеќе од 22.000 пати биле спасени животи кога робот навлегол во опасни области, изјави Зеленски.
Тој додаде дека роботите се користат за нови видови мисии. Неодамна првпат била заземена руска позиција на фронтот само со користење „беспилотни платформи“ од воздух и копно.
Иднината веќе пристигна на фронтот и Украина ја гради, рече Зеленски.

Државната агенција за одбранбени набавки досега склучила 19 договори со производители во вредност од околу 250 милиони долари. Украина го зголемува и производството на компоненти и додатоци што ги прават копнените роботи ефикасни, како специфично оружје и опрема за минирање и деминирање.
Фокусот е на евтини и ефикасни системи. Земјите партнери го следат тој премин кон масовно, евтино оружје, изјави Федоров.
******
Види и: Зеленски планира задолжителна регрутација на жени