Редакција на лизинг

Како дел од спасот од банкрот, весниците во САД почнаа да ги даваат на лизинг бироата на нивните поранешни новинари.

Њујорк тајмс пишува за новиот тренд меѓу печатените медиуми кои почнаа бизнис со недвижности, изнајмувајќи го напуштениот простор во нивните згради, кој го добија по отпуштање на добар дел од персоналот и новинарите.

Таков е случајот со Бостон Глоб, чии вработени објаснуваат дека освен дополнителните приходи, сега во канцелариите повторно почнува да се чувствува гужва и размрданост. "Изгледа како да работиме во технолошка компанија," изјавила уредничката за бизнис, Ширли Леунг.

Во зградата на Глоб, била направена реорганизација по која околу 100 празни бироа биле сместени во голема просторија во која локалните старт-ап компании почнале да поставуваат свои канцеларии, а како дополнување речиси секоја вечер таму гостуваат локални бендови.

"Не сакаш некој дел од имотот да ти остане неискористен. Имам зграда која можеме да ја користиме за најразлични работи. Да собереме бендови, да собереме настани," изјавил првиот човек на Бостон Глоб.

21 јануари 2013 - 13:39