Истрагата во Австралија потврди дека напаѓачите од Сиднеј, таткото Саџид и синот Навид Акрам, пред само еден месец престојувале во Давао, најголемиот град на јужниот филипински остров Минданао на кој исламистички бунтовници со децении наназад настојуваат да ја преземат власта и да воспостават калифат.
Во 2017 година групата Исламска држава пет месеци го држеше под опсада градот Марави и принудија 350.000 жители да избегаат. Во голема воена операција филипинските сили ја разбија опсадата, убија клучни лидери и прогласија победа над ИСИС. Но, стотици терористи останаа во земјата со мнозинско католичко население и ги искористиле сиромаштијата и историското политичко нетрпение кон властите за да регрутираат нови борци и да организираат кампови за обука.
Заканата на Филипините се намали откако поранешниот претседател Родриго Дутерте во 2020 година донесе сеопфатен закон против тероризам. Дутерте сега е во притвор на Меѓународниот кривичен суд, обвинет за злосторства против човештвото поради неговата „војна против дрогата“.
Терористичките групи во меѓувреме ја сменија стратегијата, станаа помали и фракционирани, но сè уште се лојални на Исламска држава и продолжија да ги напаѓаат полициските сили и христијанските места за богослужба. Во 2023 година детонираа бомба на католичка миса на Државниот универзитет, при што загинаа четири лица, а десетици беа повредени.
Уште од времето на Ал каеда, Филипините важеа за академија за тероризам во Азија, бидејќи нивната локација и долгата историја на милитантни групи обезбедуваат поволна средина за активности за обука, вели Ромел Банлаои, шеф на Филипинскиот институт за истражување на мир, насилство и тероризам.
Планините, брегот и густата вегетација им овозможуваат на групите да поставуваат кампови за обука и да доставуваат оружје и опрема.
Тоа е безбедна оаза за странските терористи, бидејќи се скриени.
Нашите сили за безбедност немаат капацитети да навлезат на таков терен. Земјата е популарна туристичка дестинација и на луѓето им е лесно да доаѓаат и да заминуваат и како туристи и илегално. Фактот дека со децении наназад има многу милитантни групи ги прават Филипините најпосакувана дестинација за странски борци, не само од Азија, туку и од целиот свет, наведува експертот.

Активностите не се ограничени само на џунглите. Крајбрежниот град Давао, во кој престојувале убијците од Бонди, е главна дестинација за регрутирање борци.
Давао не е цел, туку место за состаноци, центар за планирање, финансирање и логистички аранжмани, објаснува Банлаои.
Во изминатите години властите спроведоа кампања за мирна реинтеграција на исламистите. Ја проширија автономијата на регионот Бангсаморо во обид да ги остават екстремистичките групи без главната база на поддршка.
Сепак, заканата од терористички напади и киднапирања останува. На Минданао и архипелагот Сулу има неколку активни терористички групи, како Абу Сајаф, Борците за исламска слобода, Даула Исламија и комунистичката Нова народна армија. Повеќето од овие групи се заколнале на верност кон матицата ИСИС.