
Папата е шеф на Ватикан, која со површина од 44 хектари е најмалата независна држава во светот. Во ова својство, папата има апсолутна власт - извршна, законодавна и судска.
Папите примаат шефови на држави на „приватна аудиенции“ заради размена на мислења за актуелни теми или позиции на Светата столица, која како духовна и административна власт за римокатолиците во светот има статус на суверен субјект според меѓународното право.
Доктрина и учење
Папата пишува документи како енциклики или апостолски опомени, со што ги одредува доктринските и моралните насоки, ги води верниците и ја реформира Црквата. Во дванаесетте години од неговиот понтификат, Франциско отвори пат за благослов на истополови двојки, ги ограничи латинските миси и презеде мерки за борба против сексуалното насилство во Црквата. Папата има и учителска мисија преку своите говори. Освен што проповеда на миси, тој секоја среда наутро во Ватикан држи јавни катехези на општа аудиенција.
Назначувања
Папата го има последниот збор во назначувањето епископи во епархиите ширум светот, приближно 3.000. Назначува и кардинали, а оние помлади од 80 години го избираат неговиот наследник. Неговиот збор е конечен дури и во именување на блажените и светителите. Може да свикува и синоди - собири на мирјани и верски поглавари заради дискусии на одредени теми.
Патувања
Папата патува низ светот за да се сретне со верниците, одговарајќи на официјалните покани од шефовите на држави. Најмногу низ светот пропатувал папата Јован Павле Втори. Во своите 26 години понтификат тој остварил 104 патувања во странство. Франциско патувал 47 пати.
Римски бискуп
Покрај тоа што е поглавар на целата Католичка црква, папата е и водач на Римската епархија. Поради многуте обврски, оваа должност обично се делегира на генералниот викар. Папата учествува во животот на локалната црква, редовно појавувајќи се во црквите во Рим на големите празници.