Путин на своето

Рускиот претседател го потпиша законот за „ресетирање“ мандати кој ќе му дозволи уште два пати да се кандидира за претседател на Русија, со што потенцијално би бил на власт до 2036.

Законот во Русија и понатаму не дозволува еден човек да има повеќе од два мандати, но, по ново, исклучок од ова се сите луѓе кои имале претседателски мандат пред воведување на амандманите на рускиот Устав. Такви луѓе во Русија, моментално се двајца: Владимир Путин и Дмитри Медведев.

Амандманите на рускиот Устав, меѓу кои и ресетирањето, беа изгласани на национален референдум (дури и тој беше пореален од нашиот) во јуни и јули 2020.

Доколку успее да остане на власт до 2036, Путин ќе го надмине и Сталин по траењето на мандатот, кој беше на власт 29 години, и по стаж ќе биде само зад руските цареви.

Со новите правила се забрануваат и праксата на Путин од почетокот на кариерата да менува меѓу претседател и премиер на Русија. Сега секој руски граѓанин има право на два претседателски мандати и толку е. Законот изричито не ги брои мандатите кои изминале/започнале до неговото влегување на сила. Што значи сите претходни и актуелниот мандат на Путин.

Новиот закон им дава на Путин и на Медведев целосен имунитет од обвиненија.

Дел од анализите се дека законот не мора да значи дека Путин сака да остане на власт (не мора да значи и дека не сака), туку дека неговата намера е да избегне да биде само фигура во последните години од неговото претседателствување и со тоа да предизвика борба за власт додека се уште трае неговиот мандат.

Други претпоставуваат дека Путин се уште нема најдено како да ја предаде власта на други, а притоа да биде сигурен дека тој и неговото семејство ќе бидат безбедни дур е во пензија.

6 април 2021 - 09:42