Неколку кинески медиуми пренесуваат дека 43-годишен вработен успева да повлече повеќе од 7 милиони јуани (над 1 милион долари) од банката Хуашиа.
Она што тој го знае, најверојатно благодарејќи на својата позиција, е дека системот на банката не ги запишува правилно сите повлекувања на пари од банкомати направени околу полноќ, што во пракса значи дека вадиш пари ама сумата не ти се минусира од сметка.
43-годишниот Кин Кишенг почнува да вади пари некаде во ноември 2016, и 1358 повлекувања подоцна, некаде во јануари 2018, банката го открива пропустот во системот и истиот го пријавува на властите.
Полицијата го апси Кишенг, кој пред шефовите и полицајците објаснува дека не крадел пари, туку го тестирал системот и неговата безбедност (1358 пати), а парите ги чувал на сметка за да и ги врати на банката.
Иако банката, водена од пи-ар причини, решава да се откаже од тужба против својот вработен, доколку овој им ги врати парите, истото мислење не го делат и кинеските власти кои започнуваат постапка против Кишенг, во која тој може да добие затворска казна од 10,5 години. Главно властите и судот не паднале на аргументот дека тој го проверувал системот и ги чувал парите на банката, посебно затоа што парите ги ставил на својата лична банкарска сметка, а не некоја привремена во институцијата во која работи, и дел од нив наводно почнал да ги инвестира на берза.