Врз основа на пресметки од разузнавачките служби, Министерството за одбрана на Украина поставило цел секој месец да убива по 50.000 руски војници на фронтот за да може до есента да ги потроши фондовите на Москва за регрутирање нови сили.
Проценките биле дека Путин има капацитет да регрутира помеѓу 35.000 и 37.000 војници месечно, поради високите суми што се нудат за бонуси за потпишувањето на воената обврска, за платите за војниците и за компензацијата што им се исплаќа на семејствата на војниците што загинале на фронтот. За да избегне општа регрутација, Владимир Путин ангажирал помеѓу 400.000 и 430.000 војници со договор, со плати од околу 3.000 долари месечно. За плати на војниците по договор Москва издвојува по околу 1,3 милијарди долари.
Според украински и западни разузнавачки извори, Русија секој месец губи по околу 35.000 војници на фронтот. Само за отштета за нивните семејства се проценува дека Министерството за одбрана би требало да издвои 5,77 милијарди долари.
Заедно со еднократните бонуси од 24.000 долари за пристапување на новите 35.000 војници регрутирани како замена, сумата се зголемува за уште 840 милиони долари на над 6,6 милијарди долари секој месец.
„Критичната точка на Русија не е потенцијалниот број на регрути, кој е доволно голем, туку недостигот на пари за да ги плати, се забележува во анализа на украинското разузнавање.

Владимир Путин од пред две недели неочекувано доби нов и изобилен извор на пари. Американско-иранската војна против Иран го остави светот без една петтина од вкупната трговија со нафта. Цената на барелот буквално преку ноќ скокна од 80 на 120 долари.
Порастот на цените на нафтата, заедно со одлуката на Доналд Трамп делумно да ги укине санкциите за извоз на руска нафта ѝ дадоа можност на Москва набрзина да ја наполни испразнетата државна каса. Се проценува дека Русија за помалку од две недели заработила меѓу 6 и 10 милијарди долари од продажба на нафта по повисоки цени. Таа сума е поголема од онаа што Киев ја проценува за едномесечно одржување на силите на фронтот.
Украина, пак, во исто време претрпе штета од војната во Иран. Претседателот Володимир Зеленски оцени дека е разбирливо тоа што САД го пренасочиле кон блискоисточните сојузници оружјето и муницијата за противвоздушна одбрана.
Зеленски им ја понуди на САД и на арапските земји украинската технологија и искуство за борба против ирански дронови, но Трамп го одби со коментарот: „Зеленски е последниот човек од кого би барал помош“.
Пратеникот Олександр Морежко ја осуди одлуката на Трамп да ги разлабави санкциите за Русија.
Тоа е како да му дадете куршуми на убиец. Нафтата и гасот се оружје за Русија, изјави Морежко.