Проблемот со #StopKony

Како што кампањата за откривање на Џозеф Кони добива неверојатен публицитет и бројки на интернет (50 милиони прегледувања на ЈуТјуб, 400.000 лајкови на ФБ), така се таложат и критиките за организаторите.

Кампањата е повеќе од задоцнета, организаторот Invisible Children е критикуван за тоа дека од 13 милиони долари кои ги има собрано од донации, само 32% завршиле во Уганда а тројцата основачи на организацијата имаат годишна плата од 90.000 долари.

За време на 3-децениската војна Џозеф Кони командуваше со огромна армија од киднапирани деца (Lord's Resistance Army) кои извршија безброј брутални дела. Во овој период тој киднапираше повеќе од 30.000 деца кои ги претвори во војници.

Но, армијата на Кони денес е десеткувана, од 2006-та воопшто не делува во Уганда а тој е во бегство.

Веројатно најголем ќар од целиот публицитет ќе има веќе постојната операција за помагање на владата на Уганда, заради која САД минатата есен, испрати повеќе од 100 вооружени советници во земјата.

Публицитетот ќе значи осигурување на средства и поддршка за продолжување на операцијата (иако до сега никој не го оспорувал тоа).

Дури и организацијата за следење на работата на невладините организации, Charity Navigator, на Invisible Children им дава ранг 3 од можни 4 ѕвезди, пред се заради тоа што не постои независен борд за ревизија на нивните финансии.

На критиките за задоцнетоста на кампањата, од Invisible Children објаснуваат дека LRA и понатаму е активна.

"Иако LRA ја напушти северна Уганда уште во 2006-та, таа останува активна во Конго, Централно Африканската Република и Јужен Судан. Наша мисија е секаде да го сопреме Џозеф Кони и LRA," се објаснува на сајтот на организацијата.

9 март 2012 - 16:07