„Веќе ги слушам сугестиите дека валканите руски пари не ни се приоритет. За кратко време помислив дека ќе можеме да ги избркаме но сега мислам дека повторно ќе ги угостиме,“ вели за Форин Полиси офицер на Националната агенција за криминал.
Односите со Русија драстично се затегнаа по контроверзниот скандал со наводното труење на предавникот на својата земја Сергеј Скрипал (руски воен офицер кој почна да работи за МИ-6) по што беа набркани 23 дипломати од руската амбасада во Лондон и се воведе строга проверка на приватните авиони со кои летаа руските тајкуни. Истовремено, агенцијата почна потемелно да ги следи теченијата на руските пари а Тереза Меј отворено порача дека во земјата нема да има место за оние кои сакаат да уживаат во англиските слободи и начин на живот а да работат за Кремљ.
Новиот шеф на државата Борис Џонсон не е фан на Путин но е пријател со некои интересни руски фигури во Англија како што е бизнисменот Александар Темерко. Истовремено, Џонсон беше градоначалникот на Лондон за време на чиј мандат се случи руското стампедо по недвижнини. Тој тоа со ништо не го спречи но инсистираше трансферите на пари прописно да се оданочат без притоа претерано да се скенира потеклото на тие пари.
Сега земјата е пред сериозни предизвици околу излегувањето од ЕУ. Според најлошото сценарио на Банката на Англија, можно е тоа да резултира со пад на БДП од дури 8%. Во такви услови, државата ќе биде очајна да остане ликвидна па е прашање колку реално ќе биде во состојба да биде гадлива на руските пари. Згора на тоа, Џонсон веќе има нафрлено амбициозни проекти за кои ќе требаат дебели пари за да се задоволат очекувањата на гласачите.
Интересен детал е и тоа што британското МНР никогаш уверливо не ги демантираше гласините дека додека беше шеф на дипломатијата, на Борис Џонсон тивко му била оттргната директната контрола врз МИ-6, наводно заради неговите нерасветлени руски врски.