Признавањето на Палестина е симболично перење на нечистата совест

Бранот признавања на палестинската држава нема да ги спаси од страдања Палестинците, зашто тој симболичен потег на големите европски земји е насочен кон нивната домашна јавност и треба да ја покрие нивната немоќ да реагираат на геноцидот во Газа. Признавање без решителни акции може да биде сурова пресуда за Палестинците: да имаат држава на хартија, а во реалноста да немаат територија.

Војната во Газа секако нема да запре откако Франција, Белгија и други земји денеска пред Обединетите нации ќе им се придружат на Британија, Австралија, Канада и Португалија, кои вчера ја признаа Палестина. 

Со симболичниот чин на признавање, лидерите на овие држави настојуваат да ја покријат сопствената немоќ порешително да се спротивстават на геноцидот што Израел го спроведува во Газа. Сè додека нема конкретни акции, како санкции и ембарго за извоз на оружје или наметнување зона на забранети летови во окупирана Палестина, одржувана од меѓународна коалиција на сили, нема да се ублажат страдањата на луѓето, изјави за Ал Џезира аналитичарот Крис Осик.

Професорот Мохамад Елмасри од Доха се согласува дека симболичниот потег не е насочен кон Палестинците.

Лидерите се под зголемен притисок од меѓународната заедница и од нивните гласачи. Ова е нивниот начин да кажат дека направиле нешто без всушност да преземат суштинска акција, вели Елмасри.

Генералното собрание на ОН денеска ќе одржи посебен самит за војната во Газа, во рамките на дипломатската иницијатива на Франција и Саудиска Арабија за заживување на решението „две држави“ - Израел и Палестина.

Палестинците ќе добијат само подлабок јаз помеѓу меѓународниот настап и реалниот живот, забележува Инес Абдел Разек од палестинскиот тинк-тенк Ал Шабака.

Таа алудира на заканата од премиерот Бенјамин Нетанјаху дека Израл ќе се потруди западните земји да немаат што да признаат. Покрај уништувањето на Газа, Израел најави дека ќе гради нови доселенички населби на Западниот Брег и дека официјално ќе ги анектира палестинските територии. 

Никогаш нема да има палестинска држава западно од реката Јордан, предупреди Нетанјаху.

Палестинската ослободителна организација во 1988 година прогласи независна палестинска држава, која досега е признаена од близу 150 од 193-те членки на ОН – главно арапски и земји од Глобалниот југ, но и Русија и Кина, додека западните се воздржуваа.

Македонија е една од ретките земји во светот без каков било вид политички или дипломатски односи со Палестина.

САД, главниот сојузник на Израел, декларативно ја поддржуваат идејата за палестинска држава, но само ако Израел се согласи со решението „две држави“. Израел сега е очигледно и категорично против палестинска држава, која ја смета за „лансирна рампа за терористички напади“. 

Само поради противењето од САД, Палестинската Самоуправа има статус на набљудувач во Обединетите нации, без право на глас. Дури и ако за тоа се произнесе двотретинско мнозинство во Генералното собрание на ОН, полноправно членство не е можно без одлука на Советот за безбедност, каде што САД имаат право на вето.

Владата на претседателот Махмуд Абас има дипломатски мисии низ целиот свет, но на домашен терен има ограничена самоуправа во делови од Западниот Брег - издава палестински пасоши и управува со здравствените и образовните системи. Израел е задолжен за безбедноста и го ограничува пристапот за стоки, инвестиции и образовни или културни размени. Нема палестински аеродроми. До Западниот Брег, кој е без излез на море, може да се стигне само преку Израел или преку границата со Јордан, која е контролирана од Израел. Газа, пак, беше целосно изолирана и пред да почне војната. 

Според Конвенцијата од Монтевидео од 1933 година, постојат неколку критериуми пред Палестина да може да биде признаена како суверена држава според меѓународното право. Треба да има постојано население, дефинирана територија, ефективна влада и формални дипломатски процеси, вклучувајќи амбасади.

Повеќето големи сили, со исклучок на САД откако претседателот Доналд Трамп ја пресели својата амбасада во Ерусалим, ги имаат своите главни дипломатски мисии во Тел Авив бидејќи не го признаваат Ерусалим како главен град на Израел. Околу 40 земји, вклучувајќи ги Кина, Русија, Јапонија, Германија и Канада, имаат конзуларни канцеларии во Рамала на Западниот Брег или во Источен Ерусалим - област чија анексија од страна на Израел не е меѓународно признаена и која Палестинците ја сметаат за свој иден главен град.

22 септември 2025 - 10:02