Приватен ВАР ги снима навивачите на стадионите низ САД

Паралелно со камерите од ФИФА што ги снимаат фудбалерите од секој агол за да поправат судиски грешки, многу поголем систем од илјадници камери на приватна компанија ги снима десетиците илјади навивачи на трибините и архивира биометриски податоци. Нема строга контрола врз базата и нема контрола дали клиенти може да ги злоупотребуваат или да ги продаваат податоците.

Приватната компанија Flock Safety, чија вредност е проценета на 7,5 милијарди долари, управува со приближно 80.000 камери што читаат регистарски таблички на колите и има локални клиенти во сите американски сојузни држави, освен Алјаска.

Услугите обично ги купуваат полициски служби, училишта, бизниси и сопственици на домови заради зајакнување на безбедноста. Сите камери во мрежата се поврзани со систем со огромна база на податоци кои може да се пребаруваат и да се анализираат во реално време.

Спроти Светското фубалско првенство во САД, истражувачи на WIRED регистрирале вкупно 1.181 камера поставени во близина на стадионите. Пред SoFi во Инглвуд, Калифорнија, кој е домаќин на осум натпревари од Светското првенство, имало 39 камери од Flock и уште 14 од Motorola. Тие ќе останат и за време на Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, а веројатно и многу подолго. Околу стадионот во Хјустон имало 323 камери.

Секој од 11-те стадиони во кој се играат натпреварите имаат уреди за биометриско препознавање на лицата на гледачите, без да бидат предупредени. Со нив се проверува идентитетот на лицето што го купило билетот и се додава во базата со биометриски и основни податоци. Пред стадионите камерите ги снимаат сите регистарски таблички и моделите на автомобилите, што му овозможува на системот подоцна „во живо“ да го следи нивното движење со прецизно обележани локации и време.

Камерите наводно се поставени заради безбедност, но вознемирувачки се извештаите за злоупотребување на податоците. Полицаец од Тексас неодамна беше обвинет дека ја следел партнерката. Иако во официјалната политика на Flock е наведено дека системот не може да се користи за сообраќајни контроли, полицаец од Џорџија врз основа на снимка од камера му напишал казна на мотоциклист кој „држел телефон во левата рака додека возел“. Податоци од базата биле споделени на интернет. Осум агенции за безбедност од сојузната држава Вашингтон им давале на граничните служби привилегиран пристап до системот заради одредени акции. Вработени во Флок имаат пристап и до камери поставени во фискултурни сали за деца.

Биометриските податоците за навивачите и секое нивно движење низ градовите и на стадионите ќе останат запишани долго време откако ќе заврши Светското првенство, без никаква гаранција дека нема да бидат злоупотребени.

САД само го презеле системот од други земји што организирале големи спортски натпревари. Кина во 2008 година воведе камери и технологија за препознавање лица спроти Олимписките игри во Пекинг. Дури и Атина во 2004 година за Олимпијадата изградила инфраструктура за следење на граѓани, која грчките власти тивко ја користеа уште две децении. 

Освен во размерот на надзорот, овозможен од современите уреди и компјутерски системи зајакнати со вештачка интелигенција, разликата со САД е тоа што податоците се снимаат во приватна компанија финансирана од ризичен капитал, која отфрла одговорност за материјалот.

Клиентите на Флок се оние што ги поседуваат и ги контролираат сите податоци и одлучуваат дали, кога и со кого ќе ги споделат, изјави портпаролот Париз Лубел.

******

Види и: Колку поробусен „сејф сити“, толку помалку фајде од него
Паметна камера што бара кучиња ги загрижи Американците

22 јуни 2026 - 10:37