
Довербата во тековната истрага го достигна дното, пишува британски Телеграф. Социјалистичката влада на Педро Санчез се обидува да купи време со објаснувања кои или немаат никаква техничка смисла или водат кон апсурд.
Операторот на мрежата, „Ред Електрика“, се обвинува дека ги попречува сите да се дојде до вистината.
Извори во Брисел велат дека пред системот да се сруши, надлежните спроведувале експеримент колку далеку можат да одат во потпирање на обновливи извори на енергија како подготовка за забрзаното напуштање на нуклеарните реактори, закажано за 2027 година.
Владата неодговорно го има поставено рокот пред да ги направи неопходните инвестиции за софистицирана мрежа која ќе умее да ја менаџира енергијата.
Случајот многумина ги потсетува на катастрофата во Чернобил во 1986 година, која започна како тест за симулирање на она што се случува со реактор за ладење во услови на немање струја. Игнорирањето на предупредувањата доведе до каскаден распад на системот.
Доколку се утврди дека прекинот на електричната енергија бил контролиран експеримент што тргнал наопаку и дека оваа информација била криена од јавноста речиси четири недели, шпанската левица може да се подготви за политички заборав на подолг рок.
Владата де факто има контрола врз „Ред Електрика“ преку златна акција (што е спротивно на нормите на ЕУ). Таа на чело на операторот постави партиска лојалистка без никакво искуство за областа. А има плата шест пати поголема од онаа на шпанскиот премиер.
Претходниот шеф на компанијата поднесе оставка во знак на протест поради политичко мешање. Тој ја обвини владата дека ја турка својата зелена агенда со „месијанска“ ревност - без да преземе нужни чекори потребни за да ја реализира.
Шпанската асоцијација на електроенергетски компании во меѓувреме го изгуби трпението и истрагата за инцидентот ја нарече пародија.