Повлечени сите обвиненија против Трамп за мешање во изборите 2020

Против претходниот и иден американски претседател имаше поднесено обвиненија за десетици прекршоци за начинот на кој ракува со доверливи документи и неговите обиди да го оспори поразот на изборите во 2020, што кулминираше со упадот во Капитол. Од вчера веќе нема ни едно.

Во понеделникот, прво специјалниот советник Џек Смит поднесе барање за повлекување на сите федерални обвиненија против Трамп по овие основи, а потоа и судијката во случајот го одобри барањето.

Со ова и формално се става крај на целиот случај кој го обвинуваше Трамп за обид за поништување на неговиот пораз во 2020.

Трамп за ова прв пат беше обвинет во јуни 2023 во федералниот суд во Мајами по 37 основи. Два месеца подоцна тој беше обвинет и за 4 други дела.

Потоа судењето со месеци беше одложувано дур тимот на Трамп се обидуваше да побара негово прекинување по повеќе основи, вклучително и тоа дека поранешен претседател не може да биде обвинет за своите постапки за време на мандатот.

Ен-би-си њуз пишува дека како што обвиненијата беа „исклучителен момент во американската историја,“ бидејќи ова е прв пат претседател да се обиде нелегално да остане на власт, „така и нивното повлекување е историски момент“:

„50 години откако законодавците од двете партии го присилија Ричард Никсон да поднесе оставка на претседателската позиција заради обвинувањата за криминално однесување за време на мандатот, половина од американските гласачи избра да го врати Трамп на претседателската позиција.

Изборната победа на Трамп значи дека долгогодишната позиција на Министерството за правда дека актуелен претседател не може да биде обвинет со кривично дело ќе важи кога Трамп ќе дојде на власт на 20 јануари,“

Аргументот на министерството е дека Конгресот секако има овластување и моќ да побара импичмент на претседателот доколку смета дека извршил кривично дело.

26 ноември 2024 - 12:09