Дури и Ноам Чомски, прославениот анти-воен интелектуалец кој беше жестоко против интервенциите во Ирак и претходно во Виетнам, заради судбината на Курдите вели дека е неопходно „некакво американско присуство во регионот“, колку да се одвратат најверојатните акции и одмазди против нив.
Медиумите известуваат дека Турција веќе трупа своја војска на границата со Сирија.
Чомски не е единствениот кој мисли дека потписот за повлекување на Трамп е најконтроверзен токму поради Курдите кои сега се фактички предадени од довчерашните политички ментори и инструктори.
„Најголеми лузери ќе бидат курдските војници кои беа вооружени од САД и кои го понесоа најголемиот товар од борбите со Исис. Турскиот претседател Ердоган кој мнозинството Курди ги смета за терористи кои ѝ посакуваат крај на Турција, веќе најави офанзива против нив во граничните области со Сирија,“ пишува Њујорк Тајмс во еден едиторијал.
На слично мислење е и уредништвото на Вол Стрит Журнал кое потсетува дека Курдите на терен ја вршеа најтешката работа против Исис, дека САД им се должници и дека една турска офанзива против нив ќе им ослободи простор на остатоците од Исис и другите џихадистички групи да се прегрупираат и повторно да станат битни воени фактори во регионот.
Но, морализирањето и медиумското оплакување нема многу да им помогне на Курдите. Еден од проблемите е што се нема точната адреса на оној кој ве предал. Ок, Америка, ама кој во Америка? Актуелниот претседател на САД не преземал обврска да ги чува до недоглед, ниту пак тоа „сојузништво“ некогаш го има потпишано американскиот Конгрес. Курдите биле „важни сојузници и партнери“, додека не се решило поинаку.
Конор Фридерсдорф од Атлантик смета дека за извисувањето на Курдите не е виновен само Трамп и таа политичка линија која вели дека Америка не може бескрајно да биде светски полицаец туку и оние другите, оние кои се за останување, ама со потполно отсуство на каков било осмислен долгорочен план за регионот.
Отприлика така некако изгледала и Македонија пред стотина години. Да не кобиме и за сега.