Ако често престојувате во информативните меури на крајната десница, веројатно знаете за што се работи. Некои од вашите идеолошки браќа од Америка сигурно се и поконкретно подготвени за она што следува. Информација за сите други: следува граѓанска војна во САД. Ќе ја започнат екстремните левичари од Антифа со убивање политички противници. А десничарите, нормално, ќе возвратат бидејќи си ја сакаат државата.
Од крајот на септември оваа агенда се врти по многу Фејсбук групи, Редит, Твитер и во водечките медиумски платформи за заверенички теории а се сведува на тоа дека на 4 ноември, левичарските групации ќе започнат крвав масакр.
Мал проблем е што Антифа за сабота нема закажано никаков протест кој би можел да се претвори во насилен. За тој ден протест има закажано една мала групација левичари (од кои и почна сè, за тоа малку подолу), но тие досега демонстрирале исклучиво против државната администрација, не против политичките опоненти или полицијата.
Шо има везе. Ликови како овој по јутјуби на долго раскажуваат како ќе биде и како крвава граѓанска војна всушност е последна шанса за спас на Америка.
Како се дојде до ова дереџе?
Оние што ќе протестираат в сабота се викаат „Одбиј го фашизмот“, поврзани се со радикалната Комунистичка партија, ги поддржуваат оние од Антифа но немаат формална врска со нив. На еден претходен протест последното лето во ЛА, блокираа пат со енигматичен слоган „Почнува на 4 ноември“.
Второ, на една многубројна ФБ група се објави видео со наслов „Антифа одреди датум за граѓанска војна“ во која беа наведени и плановите за напаѓање полицајци, граѓани и институции. Видеото отиде вирално. Некои веб сајтови потоа објавија дека Антифа планира „да го убие секој гласач на Трамп, конзервативец и сопственик на оружје“.
И трето ама најважно, гласината стигна до главното појачало на ваквиот жанр, Алекс Џонс. Тој е своевиден мета-конспиратор кој собира секакви теории на заговор од околината, ги препакува за да одговараат на неговиот наратив и ги пушта на својата огромна, милионска публика кај која е енормно влијателен. Кога тој ќе пушти нешто, пуштено е.
Деновиве и еден меинстрим конзервативен медиум објави сторија од својот дописник од Белата куќа дека лидер на Антифа ветил дека ќе се обезглавуваат „бели родители“. Подоцна рече дека се работело за шега, ама не се предава до крај.
„Радикалните левичари постојано прават мајтап со убивање белци. Што ќе се случи ако ја направам мајтап со родители црнци? Тоа веднаш ќе стане национален наслов“, вели дописникот Лусиан Винтрич.
И така, денес можете да наидете на стотици коментари на прегреани консументи на вести од типот: „Ако слушнам уште еден збор против белци, ќе влезам во кола и сите ќе ги испогазам“.
„Конкретнава паника успеа да мотивира еден дел од базата на крајната десница, делумно благодарејќи на тоа што во себе има апокалиптична разврска. Според нив, секогаш демне некој опасен настан на хоризонтот. Тоа е истовремено и повик за бунтовништво, непокор и земање на правдата во свои раце“, вели еден аналитичар.
Историчарот Марк Бреј кој се занимава со движењето Антифа се согласува, велејќи дека десничарите пред 2017 година немаа ни слушнато за Антифа.
„Нема никаква револуција ни граѓанска војна закажано за 4 ноември. Можете да ме цитирате за тоа“, порачува Бреј.
Но, да не бидеме наивни. Мислите нашиве го имаа закажано Илинден во турскиот уќумат?
И, треба ли да ставиме смајли на претходната реченица?