
Карипскиот остров Порторико веќе поднесе неколку предлози за прекинување на врските со САД и повторно припојување кон својот поранешен владетел Шпанија.
Под шпанска управа бил од 1493 година, кога на него стапнал Кристофер Колумбо и со кралски декрет го прогласил за колонија, нарекувајќи го Сан Хуан Баутиста. САД го презеле во 1898 година, по Американско-шпанската војна.
Наспроти промената на статусот, се задржале повеќевековните традиции. Шпанскиот јазик останал доминантен во секојдневниот живот, образованието и бизнисот. Мајчин јазик им е на 95% од населението од 3,2 милиони.
Политичкото движење за реунификација Аделанте се појави во 2017 година, со иницијатива Порторико да стане 18-та автономна заедница на Шпанија, слично како Канарските Острови, и така да биде дел од Европската Унија. Основачите на движењето тврдат дека 13% од жителите на Порторико ја поддржуваат идејата за приклучување кон Шпанија. Причината не е сентименталност, туку очекувањата за просперитетна иднина во рамките на ЕУ.
Порторико никогаш не сакал да се одвои од Шпанија. Имаше автономија и напредок. Тогаш дојде американската инвазија и сè се промени. Откако стана територија на САД, заглави во стагнација, вели Хозе Лара, претседател на организацијата.
Тој објаснува дека Порториканците, иако се граѓани на САД, немаат право да гласаат на избори за претседател и немаат свој претставник во Конгресот. Имаат свое знаме, свои власти, но главните одлуки се носат во Вашингтон, а не во Сан Хуан.
Како автономна заедница на Шпанија, Порториканците би имале право да гласаат и да бидат застапувани, а би добиле и пристап до универзална здравствена и социјална заштита и развојни програми на Европската Унија.
Ние не фантазираме. Сакаме правда и да ни биде вратено тоа што ни беше одземено, вели Луис Мулио од шпанската организација Acción Puerto Rico España.
Легалниот пат до отцепување е тежок. Територијална клаузула во Уставот на САД му дава право на Конгресот „да се ослободи“ од територии.
Референдуми се дозволени, но изјаснувањето на мнозинството жители не е обврзувачко. На последниот, одржан на 5 ноември 2024 година, на граѓаните им беа понудени три опции: Порторико да биде независно, да биде независно со слободно право на поврзување со САД или да биде американска сојузна држава. Убедливо мнозинство, дури 59% се произнесле Порторико да биде 51 држава во САД.