Политичка битка за разладување на Французите

Во денови кога Франција гори од топлотниот бран со температури над 40 Целзиусови степени, властите го отфрлија барањето на десничарската лидерка Марин ле Пен за масовно инсталирање клима-уреди во училиштата и јавните установи низ земјата. Аргументот на властите е дека климите ослободуваат топлина што ги загрева улиците и им го прави животот пекол на комшиите.

Климатизацијата не е клучна за справување со сè поинтензивните топлотни бранови во Франција, оцени министерката за еколошка транзиција Ањес Пание-Рушанер.

Кога ладите соба, потребна ви е енергија за да го постигнете студот, што значи дека нужно греете друг простор. Ги загревате улиците, што ги зголемува жариштата, изјави министерката.

Таа посочи на студија спроведена во 2020 година во Париз, која укажува дека масовното користење на клима-уреди ја зголемуваат температурата на надворешниот воздух за неколку степени.

Иако се ефикасно решение за домаќинствата што можат да си ги дозволат, клима-уредите ја влошуваат ситуацијата за оние што не можат или не сакаат да ги употребуваат, се наведува во студијата.

Французите традиционално не се големи обожаватели на климатизацијата, но расте бројот на домаќинства кои инсталираат системи за ладење. Во услови на енергетска криза и посветени на мерките против испуштање на јаглеродни гасови, властите даваат приоритет на други начини за одржување ниски температури, како садење дрвја, зголемување на зелените површини и подобра изолација на зградите.

По ударот на опасно високите температури, кои надминаа 40 степени дури и во Париз, владата објави предупредувања за топлотен удар во 84 области. Ле Пен ја обвини владата дека ги принудува обичните луѓе да ја трпат жештината додека „елитата“ се разладува.

Лудо е да им се каже на семејствата да престанат да работат затоа што училиштата повеќе не можат да ги примат децата и им се советува да се разладат во локалното кино со климатизација, објави Ле Пен.

Фредерик Фалкон, пратеник од Националниот собир на Ле Пен, рече дека целта на неговата партија е да инсталира клима-уреди што е можно пошироко во административните простории, во училиштата, во домовите за стари лица. 

1 јули 2025 - 17:41