Иако главните пари ги заработува од недвижности, Стивен Рос меѓу другото е сопственик на НФЛ клубот Мајами Делфинс и ланецот луксузни фитнес клубови Еквинокс фитнес, што значи „продавање услуги и производи на богатите маси од урбана Америка“.
Кога се дозна дека Рос сака да организира донаторска вечера за Трамп, која ќе помогне во осигурување на неговиот втор мандат, истите овие богати маси се кренаа против него и тргнаа да му ги бојкотираат бизнисите.
Во обид да ги смири критиките, Рос објасни дека тој не се согласува со Трамп околу многу прашања како екологија, расна нееднаквост, државно образование и слични теми, додека за некои работи се согласува.
Делот околу што се согласуваат не беше објавен, меѓутоа анализата на Вокс е дека тоа најверојатно се даночните политики на Трамп, од кои Рос на пример годинава лично заштеди 4,4 милиони долари само од данок на имот, што не е единствената даночна основа по која 7,7 милијарди долари вредниот Рос штеди пари откако Трамп е дојден на власт.
„Важно е да се разбере политичкото и финансиско влијание на луѓето со ставови налик оној на Рос, делумно и затоа што тие се ретки кај општиот електорат.
Студија објавена неделава покажува дека гласачи со конзервативни ставови кон имиграцијата а прогресивни кон економијата се релативно чести во споредба со прогресивни ставови кон имиграцијата а конзервативни кон економијата.
Сето ова наведува на заклучок дека без разлика на личните гледишта на Рос околу расната еднаквост, не се работи само за тоа дека тој е волен да замижи пред ретроградниот став на Трамп за овие прашања. Туку, политичкиот фокус на расниот конфликт е интегрален дел од политичката изводливост на програмата за олеснување на даночниот товар на богаташите,“ пишува Метју Иглезијас во Вокс.