Минатиот месец Белата куќа издаде соопштение кое е полно со лаги, полу-вистини и искривени факти во кое едно тврдење особено се истакнува со глупоќа:
Да, се тврди дека Иранците го кршеле договор и пред тој да постои. На масовното ругање по мрежите се придружи и шефот на иранската дипломатија.
„Лагите на администрацијата на Трамп во врска со Иран се бетер од пародија, но во неа нема ништо смешно ако се сетиме на стотиците илјади невини ирачки мажи, жени и деца, како и на 4.400 американски војници кои загинаа поради слични фалсификати од поставата на Џорџ Дуплове Буш“, пишува за Интерсепт Мехди Хасан кој вели дека новинарите сега ќе мораат да го прават она што го пропуштаа пред 15-тина години: да ги проверуваат фактите, да ги вадат лагите на површина и да ги демаскираат митовите.
„Ова е мојот придонес“, пишува тој.
Лага #1: Иран гради нуклеарно оружје
Уште во 2007-ма година, американската разузнавачка заедница му обезбеди извештај на Дуплове дека не постојат ни докази ни индиции дека Техеран прави нуклеарно оружје. Подоцна во мемоарите тој се пожали дека ваквиот извештај “ми ги врза рацете во воена смисла'.
И денес ништо не е променето. Дури 16 американските агенции, служби и департменти кои се занимаваат со национална безбедност се согласуваат дека Иран не презема сомнителни операции кои би можеле евентуално да водат до поседување нуклеарка.
Лага #2: Иран го прекрши Нуклеарниот договор
Администрацијата на Трамп тоа упорно го повторуваше како преттекст на одлуката да го прекрши целиот договор така што еднострано ќе го напушти. Надлежното мониторинг тело за ова прашање, Меѓународната агенција за атомска енергија е потпишана на дузина извештаи дека не е така. Лани, дури и тогашниот шеф на израелската војска призна дека договорот функционира.
Минатиот месец, шефот на иранската дипломатија соопшти дека резервите на ураниум на неговата земја ќе го надминат лимитот од 300 килограми како што предвидуваше договорот, но, редот на нештата е јасен: иранското кршење на една одредба од тој договор се случува една година откако САД го прекршија целиот договор.
Лага #3: Иран е главен спонзор на државниот тероризам
Ова е еден од најчесто спомнуваните рефрени на актуелен Вашингтон. „Исламската држава е главен банкар на меѓународниот тероризам уште од 1979 година,“ ќе каже воинствениот советник за нациоална безбедност Џон Болтон (види: „Касандра“, сапуница која ќе заврши или ќе пукне?).
Да потсетиме, американската „војна против теророт“ после 11 септември беше прогласена против сунитските џихадистички групи како Ал Каеда, Исис и Шабаб. Над половина од сите глобални терористички убиства имаат потпис на оваа верско-идеолошка групација која нема врска со мнозински шиитскиот Иран. Ама затоа имаат - и тоа како - финансиски, политички и идеолошки линкови со Саудиска Арабија.
Пред да седне во скутот на шеиците, тоа му беше јасно и на Доналд Трамп.
„Кој го дигна во воздух Светскиот трговски центар? Не беа тоа Ирачаните, беа Саудијците. Обрнете внимание на Саудиска Арабија и отворете ги документите!“ порача Трамп во предизборната трка во 2016 година.
Ако постои држава која е спонзор на меѓународниот тероризам, тоа е Саудиска Арабија, а не Иран.
Лага #4: Иран Соработува со Ал Каеда
Тоа се покажа како лага и со Садам Хусеин а со Иран звучи уште поглупо. Бројни се извештаите на западни познавачи на регионалните состојби дека односите на шиитскиот Техеран со сунитските Ал Каеда не се пријателски туку антагонистички. Администрацијата на Трамп сепак го вергла своето и тоа од сосема прагматични политички причини: По 11 септември, Конгресот авторизираше „воени акции против држави, организации и лица кои го планираа, помогнаа или изведоа нападот од 11-ти, како и против оние кои им даваат засолниште“. На Трамп тоа му е доволно легално покритие да тргне во акција против Техеран, ако некако ја убеди јавноста и институциите дека на тој начин всушност тргнува против сојузник на Ал Каеда.
Лага #5: Војната со Иран ќе биде лесна
Можеби најглупавата од сите лаги, колку и да се силат војнољупците во Вашингтон. „За да го победиме Иран ќе ни требаат само два удара: прв и последен,“ ќе рече сенаторот Тим Котон . А и Трамп верува дека војната ќе биде „официјален крај на Иран.“
Зборуваат за земја која е 4 пати поголема од Ирак, која има 80 милиони луѓе од кои 51% се Персијци, хомогеност каква што никогаш немал соседниот Ирак, терен и негостољубивост која за малку ќе го чинеше живот и Александар Македонски.
„Тоа би била долга и брутална герилска војна која Иранците можат да ја водат 10 до 15 години, би чинела најмалку 2 трилиони долари и за која би ни биле потребни барем 500.000 војници на терен,“ оценува шефот на генералштабот од времето на Колин Пауел, полковник Лари Вилкерсон.
Постојат работи за кои Иран навистина е одговорен - дека крши човекови права, дека ги помага Хамас и Хезболах, дека го подржува Башар Асад и дека шири антисемитизам - но ако овие на пет лаги не им се стави крај, на Блискиот исток наскоро ќе се случи такво крвопролевање во однос на кое она што се случи во Ирак ќе личи како прошетка низ Луна парк.