Во месецот на полагање приемни, цените на хотелите во Пекинг растат за два до трипати, а сето ова е затоа што родителите не сакаат нивните деца да задоцнат или долго да патуваат до местото на полагање.
"Хотелите се поскапи за два - три пати за време на приемните. Бев сместен во хотел бидејќи сообраќајот во Пекинг е ужасен. Чув дека годинава на првиот ден од полагањето (7 јуни) околу 40 студенти биле заглавени во сообраќај и не можеле да стигнат на полагање. Во овој случај, на студентите им е дозволено да сопрат полицаец кој е должен многу побрзо да те однесе до местото на полагање," објаснил еден иден студент.
Во подготовките е ангажирано целото семејство, па некои одат и до таму што им изнајмуваат дополнителен стан на своите деца за да можат на раат да учат. Студентите минуваат буквално цели денови во подготвување на материјалот.
"Некои денови останувам до 4 наутро. Пијам многу кафе. Нормалните пакетчиња Нескафе не ми се доволни, па ставам по две пакетчиња, со многу малку вода. Целиот процес е замислен да биде болен. Ама за оние кои немаат пари, ова е начинот да го промениш сопствениот живот," изјавила средношколка која доаѓа од семејство на фабрички работници.
Во периодот на подготовка девојките земаат и пилули за контрола на раѓањето кои им ја одлагаат менструацијата, за да не губат денови во болки и непродуктивност. Пред да влезе на полагање секој ученик минува на скенер за метал, кој треба да открие ако тие со себе носат мобилен телефон или некој друг уред за комуникација или препишување.
Тестовите се слични, но не и идентични низ 23-те кинески провинции. Исто и резултатите имаат различна тежина, а најголема вредност имаат оние од големите градови како Пекинг и Шангај. Резултатите од тестовите се објавуваат по 2 недели.