Низ деновите од незадоволство од задолжителното вакцинирање против ковид-19, протестот еволуираше во протест против комплетната влада и политики на Џастин Трудо (кој на првиот ден од протестите херојски ја напушти канадската престолнина и се скри на безбедно).
„Ние можеме тука да останеме со месеци ако сакаме.
Нашата цел е прилично едноставна: укинете го заклучувањето на цели делови од државата и задолжителната вакцинација и вратете ги слободите во земјата.
Тоа што не го очекувавме е колкава поддршка ќе добиеме,“ изјавил еден 49-годишен камионџија кој учествува во блокадата.
Во врска обвинувањата дека се организирани од крајни-десничари и дека имало знаме со кукаст крст за време на протестите, ставот на камионџиите е дека тоа најверојатно е наместено.
„Свастиката беше проблем. Мислиме дека таа е наместена. Тука има луѓе со секакви агенди, други политички придвижувачи. Јас сум само пион,“ изјавил друг камионџија.
Освен самото присуство на илјадници шлепери (од кои денес има останато околу 400) кое го направи неподносливо функционирањето на центарот на Отава (како за бизнис, така и за живеење), главна форма на протест на камионџиите беше непрестајното свирење. Со судска одлука од понеделникот свирењето беше забрането.
Оставени без свирка а решени да продолжат со протестот, камионџиите се префрлија на турирање на камионите.
Затоа што за турирање треба бензин а камионите не се мрдаат од место за да одат да наполнат, сега полицијата почна да приведува луѓе што им носат бензин на камионџиите.
Како контра мерка жителите на Отава и дел од присутните демонстранти почнаа да се шетаат наоколу со празни канистри за бензин или полни со вода и друга течност, чисто за да и отежнат на полицијата да открие кој дошол за да ги снабдува камионџиите.
Проблемот со физичко отстранување на возилата е во тоа што најголемиот дел од „влечните служби“ во градот се солидаризирале со протестот на камионџиите, а останатите главно немаат камион што може да ги одвлече паркираните шлепери.
Која било влечна служба со капацитет да нè мрдне нема да го направи тоа „затоа што ние сме им главни муштерии. Никогаш нема да нè допрат“ објаснил еден од камионџиите.