
Газа страда од глад од највисока можна категорија. Интегрираниот систем за класификација на фазите на безбедност на храната (ИПЦ) соопшти дека 514.000 луѓе - речиси една четвртина од сите Палестинци во Газа - се соочуваат со глад. Тој број ќе се зголеми на 641.000 до крајот на септември ако итно не се овозможи доставување храна.
Комитетот за преглед на гладот утврдил дека во губернијата Газа има глад од петта категорија. Без храна се 280.000 луѓе. Се очекува прагот од највисока категорија на глад во наредните недели да биде преминат и во областите Деир ал-Балах и Кан Јунис.
Овој глад е целосно предизвикан од човекот , поради што може да се запре и да се промени состојбата. Времето за дебата и двоумење помина, гладот е присутен и брзо се шири. Потребен итен и силен одговор. Секое понатамошно одложување, дури и со денови, ќе резултира со целосно неприфатлива ескалација на смртноста поврзана со гладот, се предупредува во извештајот.
Доколку не се спроведе прекин на огнот за да се овозможи хуманитарната помош да стигне до сите во Појасот Газа, и ако основните залихи на храна и основните здравствени и нутритивни услуги не се обноват веднаш, експоненционално ќе се зголеми бројот на смртни случаи што може да се избегнат, додава ИПЦ.
Ова е петти пат ИПЦ да прогласува глад откако телото е формирано во 2004 година. Лани прогласи глад во Судан, во Јужен Судан во 2017 и во 2020 година и во Сомалија во 2011 година.
Критериумите за глад на ИПЦ се: најмалку 20% од домаќинствата да се соочуваат со екстремна потреба за храна; најмалку 30% од децата да страдаат од акутна неухранетост; и ако секој ден умираат по две лица на секои 10.000 жители, како директна последица од глад. Дури и ако одреден регион не се преминати овие прагови, ИПЦ може да утврди дека домаќинствата таму страдаат од „глад, беда и смрт“.
Израел го отфрли извештајот како „лажен и пристрасен“. Военото тело што ги координира испораките на помош во Газа објави дека ИПЦ го базирала своето истражување на „делумни податоци што потекнуваат од терористичката организација Хамас“. Вината ја префрла врз Хамас, за кој тврди дека им ја граба хуманитарната помош на Палестинците и ја продава на црн пазар по астрономски цени.
Шефот на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека гладот во Газа е директен резултат на постапките на израелската влада и предупреди дека смртта од глад може да се смета за воено злосторство.