ОН го обвини Израел за геноцид во Газа

Независна комисија на Обединетите нации прв пат заклучи дека Израел спроведува геноцид врз Палестинците во Газа, по повик од државните лидери. Како докази, во обемниот извештај на 72 страници се наведени бомбардирања цивили, снајперски истрели во деца, атентати, колективно изгладнување, силувања... Геноцидот е поттикнат од израелското раководство, на чело со Нетанјаху.

Независна комисија формирана од Советот за човекови права е првото тело на Обединетите нации што заклучи дека Израел извршил „геноцидни дела“ во воената кампања во Газа како одговор на терористичките напади на Хамас на 7 октомври 2023 година. Делата опфаќаат „убивање Палестинци во Газа, предизвикување сериозни телесни и ментални повреди на Палестинците, пресметано предизвикување колективни услови за живот заради целосно или делумно физичко уништување и наметнување мерки заради спречување раѓања“.

Во извештајот се опишани примери на намерни убиства на палестински цивили, новинари, здравствени и хуманитарни работници, извршени во домови, болници, училишта и верски објекти.

Тие пукале и убиле цивили, од кои некои, вклучувајќи деца, држеле бели знамиња. Деца биле застрелани во главата од снајперисти... Израелските сили намерно користеле муниција со широк ефект, и покрај сознанието дека со неа ќе бидат убиени и цивили, се наведува во извештајот.

При бомбардирањето не се издвојувале индивидуални цели, туку жртвите биле гаѓани колективно поради нивниот палестински идентитет. Во извештајот се осудува и тоталната опсада на Газа, што имала катастрофално влијание врз условите за живот.

Израел ја искористи блокадата како оружје за ограничување на животните потреби, особено со прекинување на снабдувањето со вода, храна, струја, гориво и други основни залихи, вклучително и хуманитарна помош, се вели во извештајот.

Одлуката на Израел да дозволи проток на мала количина помош во Газа е оценета како „фасада за да се заведе меѓународната заедница, додека продолжува да наметнува глад и нехумани услови за живот на Палестинците“.

Намерните напади врз палестински деца се наведени како доказ дека воените операции не се спроведуваат само за да се победи Хамас, туку за физичко уништување на Палестинците „не само со елиминирање на денешните деца, туку и на можноста тие да имаат деца“. Израел, исто така, одби влез на адаптирано млеко и специјално млеко за бебиња во Газа, што резултираше со гладување на новороденчиња и бебиња. „Суштината на детството е уништена во Газа“, пишува во извештајот.

Израелските безбедносни сили се посочени како одговорни и за „силувања и други форми на сексуално насилство, не само како казна против поединците, туку и како дел од шема на колективно казнување за разбивање, понижување и потчинување на палестинското население во целост“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху, претседателот Исак Херцог и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант се директно обвинети за поттикнување геноцид.

Уште на 7 октомври 2023 година, израелските функционери дадоа изјави што укажуваа на нивната намера да ги уништат Палестинците во Газа како група, се вели во извештајот.

Речиси 65.000 Палестинци се убиени во Газа од 7 октомври. Повеќето од жртвите се жени и деца. Израелската влада тврди дека ја води војната во Газа во самоодбрана и во согласност со меѓународното право, цврсто негирајќи ги обвинувањата за геноцид.

Министерството за надворешни работи ги обвини авторите на истрагата дека „целосно се потпирале на лаги на Хамас“ и дека се „застапници на милитантната група чии ужасни изјави за Евреите се осудени низ целиот свет“.

Комисијата ја водеше јужноафриканската судијка Нави Пилај, која досега била висок комесар на ОН за човекови права и судија во Меѓународниот кривичен суд и во Трибуналот на ОН за злосторства во Руанда. Таа поради лични причини се откажа од функцијата во јули. 

16 септември 2025 - 10:14