Од новиот пакет санкции на ЕУ за Русија остана само празна кутија

Европската Унија не може да го договори својот 21-ви пакет санкции против Русија, бидејќи владите на повеќе членки одбиваат да поддржат мерки од кои поголема штета имаат домашните компании отколку руските. Грција, Франција, Италија, Германија, Австрија и Португалија – побараа исклучоци или целосно ги блокираа предложените мерки.

Почнувајќи од два дена пред руската инвазија врз Украина, Европската Унија 20 пати воведе санкции за Русија, во обид да ги ограничи ресурсите за нејзината воена машина и да изврши притисок врз Путин да прифати мировни преговори.

ЕУ мора да обезбеди едногласна поддршка за казнените мерки. Секогаш имало противења – како при воведувањето забрани за увоз на руски вештачки ѓубрива, челик, дијаманти, нафта и гас, но отпорот се засилува.  Изминатата недела амбасадорите на земјите-членки четири дена дискутираа без да постигнат договор за новиот пакет.

ЕУ е блиску до максимумот на санкции против Русија. Стигнавме до крајната граница, каде што членките сфаќаат дека се загрозени нивните најважни економски интереси. Националните лидери сметаат дека повеќе не можат да бидат засрамени, принудени или на кој било друг начин натерани да се откажат од одбраната на интересите, изјави Џејкоб Киркегард, виш соработник во бриселскиот тинк-тенк Бројгел.

Најновиот пакет предложени санкции содржи мерки насочени кон рускиот извоз и финансискиот систем на земјата, како и механизам за одржување вештачки ниска цена по која Русија може да извезува сурова нафта.

Атина одби да го прифати целиот пакет доколку не добие одобрение за транспорт на руски течен природен гас (LNG) до трети земји, за да ја заштити компанијата за бродски транспорт Динагас на милијардерот Јоргос Прокопиу. Откако почна војната во Украина, Динагас транспортирал повеќе од 30 милиони тони течен природен гас во вредност од над 24 милијарди долари од рускиот арктички проект „Јамал“, според податоци на платформата Kpler.

Аргументот на грчката влада е дека сите нови санкции треба да бидат внимателно одмерени за да предизвикаат значително повисоки трошоци за Русија отколку за економијата на самата Европа. Освен што ќе ги намали директните приходи за грчката влада, забраната за Динагас ќе им донесе стратешка предност на глобалните конкуренти и ќе им овозможи на актерите од трети земји да освојат пазарен удел на сметка на ЕУ.

Целосната забрана за транспорт на руски ЛНГ до трети земји носи ризик да стане штета што Европа сама си ја нанесува, загрозувајќи го своето лидерство во поморскиот сектор, стратешката сопственост, вработеноста и влијанието, без притоа да ги постигне планираните геополитички цели, соопшти компанијата.

Грција не е единствената влада во ЕУ што се обидува да ги заштити сопствените интереси од трошоци поврзани со санкциите. Португалија и Германија побараа да се укине забраната за купување руска риба, повикувајќи се на потребата да ја поддржат својата локална индустрија за преработка. Големите туристички сили Франција и Италија сакаат да се ублажи забраната за издавање визи од ЕУ за руски државјани кои учествувале во војната. Австрија го повтори барањето да се одмрзнат руски средства во вредност од 2 милијарди евра за да се обештети банката Рајфајзен за казната што ѝ ја изрече Москва.

Пристапот кон санкциите е во длабока криза. Ако сите бараат отстапки и заобиколување на правилата, од пакетот санкции останува празна кутија, изјави анонимен европски диплома за Фајненшл тајмс.

20 јули 2026 - 10:47