Новата „господарка“ на американските банки одбиена заради советското потекло

Академик со бројни трудови, професорка по право на Школата за право на Корнел, поранешна адвокатка од Њујорк, поранешна специјална советничка на американското министерство за финансии, е одбиена од позицијата контролор на американскиот банкарски систем затоа што се родила во СССР.

Сауле Омарова беше номинирана од Џо Бајден за раководител на Канцеларијата на ревизорот на валутата, која опфаќа сè од безбедност на националниот банкарски систем, до воведување нови производи и услуги во истиот, рамноправен пристап до финансиски сервиси за сите Американци, итн.

По ретко видена битка и опозиција од републиканците за кој било назначен на оваа позиција, Омарова одлучи да ја повлече номинацијата и целосно да се откаже.

Републиканците, и некои умерени демократи, направија фронт против Омарова по основа на нејзини претходни научни трудови во кои повикува големи промени на американскиот банкарски и систем, и посебно по основа на тоа што е родена во Казахстан во времето на СССР.

Омарова се сели во САД во 1991 на 25 годишна возраст каде стекнува докторат и професорска позиција. Претходно целото образование го минува во СССР, а дипломира на државниот Универзитет во Москва со дипломска работа „Економската анализа на Карл Маркс и Теоријата на револуција во Капитал.“

Токму овој дел беше најсочен за нејзините противници кои не пропуштија можност на сослушувањето да ја прашаат дали треба да ја ословуваат со „’професорке’ или со ’комарад’“, на што Омарова мораше да повторува дека не е комунист и дека не согласува со таа идеологија.

„Не можев да одберам каде ќе бидам родена,“ ќе објасни Омарова.

Во друга ситуација таа беше препрашувана дали била комсомолка (советската варијанта на Титови пионери), на што таа објаснуваше дека во тоа време не постоело прашање или опција некој да не биде. Потпрашањето на републиканскиот сенатор, Џон Кенеди (не тој), беше, дали тогаш некогаш се отпишала од таму, „дали некогаш им испрати писмо дека си заминуваш“ на што Омарова повторно требаше да го објаснува функционирањето на советскиот младински систем.

На крај од сè Омарова во повлекувањето на својата кандидатура, напиша „за мене повеќе не е изводливо да продолжат како кандидат на Претседателот.“

9 декември 2021 - 13:38