Ниту целото оружје пристигнува во Украина, ниту тоа што ќе стигне е секогаш исправно

Украина им има платено на добавувачи стотици милиони долари за оружје кое се уште не е испорачано, а и дел од тоа што им е донирано од сојузниците е во толку лоша состојба што може само да биде демонтирано за резервни делови.

За нарачките на оружје што Украина ги има направено, вон донациите / помошта, земјата во 2022 има платено 800 милиони долари за договори кои целосно или делумно не се исполнети.

Бидејќи пресметката е од почетокот на годинава во меѓувреме некои од нарачките пристигнале, меѓутоа и понатаму стотици милиони долари остануваат платени во празно.

Едно од оправданијата што ги дава Њујорк тајмс е дека се работи за досега невидена операција за снабдување со оружје, во која само САД имаат испорачано или треба да испорачаат 40 милијарди долари во оружје, ЕУ десетици милијарди, и уште неколку милијарди платени од самата Украина. И сето тоа во период од една и пол година.

Иако успехот и придонесот на американските системи за ПВО е неспорен, на дел од опремата која доаѓа од сојузниците во најдобар случај и треба обемен ремонт. Процената што ја објавува Тајмс е дека во секој момент 30% од украинскиот арсенал е на поправка, што е посебно висок процент за армија која допрва треба да ја шири својата контраофанзива.

Еден од ваквите примери беше испораката на 33 самоодни хаубици од италијанската влада. Видеа по нивната испорака во Украина покажаа како моторот на една од хаубиците почна да чади, а од друга почна да тече течност од моторот. Од италијанското министерство за одбрана објаснија дека хаубиците пред години биле складирани и отпишани, но Украина и покрај тоа инсистирала да ги добие.

За овие 33 хаубици Украина му платила 19,8 милиони долари на американски дилер на оружје за поправка. Во јануари сервисот ги испорачува назад хаубиците кои и после тоа „не биле соодветни за воени операции“.

Украина за овој случај ја обвинува американската компанија што требала да ги поправи хаубиците, дека немала намера да ги исполни своите обврски. Верзијата на американската компанија е дека кога ги испорачале назад во Киев, сите до една работеле како што треба, ама Украинците не ги одржувале правилно откако им биле предадени.

Украинците со кои разговара Тајмс главно се воздржуваат од критики и терање правдини „за да не се навредат“ донаторите, иако анонимни извори од Киев за весникот објаснуваат дека стравот е да не им биде кажано дека имаат доволно западно оружје, кога дел од тоа што е пристигнато е во лоша или неупотреблива состојба.

Тајмс прегледува дел од украинската документација која покажува дека некои од највредните договори кои не се исполнети се меѓу украинското министерство за одбрана и украински дилери на оружје, кои функционираат како посредници со странските производители или продавачи. Минатиот месец министерството тужело најмалку две такви компании за неисполнети договори.

Минатиот месец Пентагон прави инспекција на дел од донираното оружје, и меѓу другото, открива дека 29 Хамери кои требало да бидат испорачани во Украина од база во Кувајт, првично биле класификувани како „целосно подготвени за мисија“, за дополнителната истрага да открие дека 26 од нив биле премногу расипани за да можат да учествуваат во борба.

Подоцна сите се поправени и се пријавени како вистински подготвени за Украина. Кога стигнуваа во Полска, тамошната проверка покажува дека гумите на 25 џипови се скапани, па требало уште еден месец за да се најдат заменски гуми, што дополнително ја одложило испораката.

Друг пример доаѓа од истата база во Кувајт од почетокот на војната кога Украина требала да добие шест хаубици М777. Проверката покажала дека на хаубиците им треба „обемна поправка“ пред да бидат испорачани затоа што цели 19 месеци не им била направена редовна сервисна проверка. Најмалку една од нив е во толку лоша состојба што било проценето дека може да убие некој од војниците што ракуваат со нејзе. Три месеци подоцна тие се поправени и испратени во Полска, каде е заклучено дека сите шест „имаат проблеми заради кои не се подготвени за операција“, по што повторно се поправани во Полска.

Тајмс пишува дека Украинците веќе престанале и да се бунат кога ќе добијат фалична опрема, и само ја пренаменуваат како „жртва“ за резервни делови за опремата што во меѓувреме им се оштетила.

20 јуни 2023 - 14:51