Ни Данците не можат да го положат тестот за Данци

Ако си мигрант и сакаш да станеш дански граѓанин, треба ова да го знаеш: Кој дански ресторан доби трета Мишелин ѕвезда во февруари 2016? Колку општини има во Данска? Во кое соѕвездие во 16-от век данскиот астроном Тихо Брахе откри нова ѕвезда?

Прашањата се дел од апдејтуваниот тест за државјанство, а првичната имплементација на тестот во јуни резултираше со паѓање на две третини од тестираните.

Данската влада воопшто не криеше дека целта на новиот тест е "значително да се отежни станувањето Данец, во време кога Европа не може да се справи со бегалската криза."

Според критичарите, тестот е премногу тежок дури и за голем број родени Данци. Данското радио неодамна на актерот Мортен Грунвалд му постави прашање од тестот: Кога беше премиерата на филмот Бандата Олсен? Актерот изјави дека не би знаел да одговори. Грунвалд ја игра една од главните улоги во филмот.

Уредникот на он-лајн изданието на весникот Политикен, Јакоб Нилсен, критикуваше дека близината на годините дадени како одговор за некои од прашањата изгледа намерно избрана за да се збунат луѓето што полагаат. Како пример тој го дава прашањето за животниот век на данскиот композитор Карл Нилсен, каде одговорите се 1865 до 1931, 1870 до 1940 или 1892 до 1965?

Министерката за интеграции, Ингер Стојберг, потврди дека 68,8 проценти од 2.400 тестирани паднале на тестот, ама во изјавата за Политикен "останува непоколеблива околу тежината на тестот порачувајќи дека да се биде Данец е многу посебно и дека државјанство е нешто што треба да се заработи." Во одбрана на тестот, сите апликанти имаат бесплатно достапни материјали со кои се покрива содржината на тестовите.

На новиот тест, апдејт на тестот што го воведе претходната левичарска влада, освен што се потешки прашањата се бара и поголем процент на точни одговори за негово полагање, 80 проценти наместо досегашните 73 проценти.

И без тестот, процедурата за станување дански граѓанин е прилично компликувана и бара комплетирање на устен и пишан испит по дански јазик (јазик што ни најмалку не е лесен за совладување), како и да докажеш дека четири и пол од последните пет години си можел финансиски сам да се издржуваш.

Инаку, одговорите на горните три прашања се: ресторанот е Гераниум, има 98 општини, а соѕвездието е Касиопеја.

8 јули 2016 - 14:19