
Нето нулата би можела да биде следниот Брегзит, бидејќи Парламентот безнадежно изгуби контакт со земјата, предупреди Најџел Фараж, говорејќи за планот на владата за укинување на фосилните горива и за намалување на емисиите на штетни гасови.
Политичките противници на британскиот популистички лидер се убедени дека „тој всушност изгубил контакт“ и посочуваат на рејтингот на неговата Реформска партија.
Анкетните експерти предупредуваат дека нападите врз нето нула може да им се одразат како бумеранг на реформистите. Таа политика има огромна поддршка од јавноста, објави Обсервер.
Многу луѓе можеби навистина им кажале на анкетарите дека поддржуваат нето нула. Но, сè зависи од прашањето. Резултатите би можеле да бидат поинакви ако тоа гласело: „За да помогнете да се постигне нето нула, какви жртви вие лично би биле подготвени да направите?“. Жртвите би опфаќале откажување од летови со авиони, повисоки зелени даноци и намалување на семејниот буџет.
Ефектот би бил незначителен, ако се има предвид дека Британија е одговорна за помалку од 1% од годишната емисија на гасови на планетата. Дури и Британија да ја постигне својата цел, американскиот претседател Доналд Трамп им се враќа на фосилните горива, а според Фајненшл тајмс „изградбата на електрани на јаглен во Кина го достигнала највисоко ниво во цела деценија“.
Британците веќе имаат искуство дека одговорите на анкетите не мора да ја одразуваат вистината. Со години пред референдумот за раздружување од Европската Унија, анкетите постојано даваа впечаток дека британската јавност има многу мал интерес за ЕУ. Една недела пред изборите во 2015 година, на пример, Ипсос ја праша јавноста кои се најважните прашања со кои се соочува Британија. ЕУ не влезе ниту во топ 10.
Нешто повеќе од една година подоцна, 17,4 милиони луѓе гласаа за напуштање на ЕУ. Ова укажува дека или голем број гласачи имале прилично поцврсти ставови за ЕУ отколку што признале пред анкетарите или дека си го промениле ставот кога длабоко го разгледале прашањето.
Во секој случај, се покажа дека анкетите не ја кажуваат целата приказна, поради што многу посериозно звучи споредбата на нето нулата со Брегзитот.