Неписмените работници во САД заработуваат како просечните во Британија

Иако младите Британци се квалитетно образувани, тоа не им е гаранција дека на пазарот на труд лесно ќе најдат работа и ќе добијат плата соодветна за знаењата и вештините што ги стекнале. Економската стагнација ги пренасочува кон работни места за кои се преквалификувани и им ги зголемува фрустрациите поради тоа што заработуваат помалку од неписмени работници од САД.

Џон Берн-Мурдок, главен новинар за податоци во „Фајненшл тајмс“, ја отсликува економската состојба во Британија преку ситен детаљ. Функционално неписмените работници во САД – оние кои имаат тешкотии да разберат сложени текстови што надминуваат прости реченици – заработуваат во просек по речиси 30 долари на час - колку што е просечната плата за сите работници во Британија. Две третини од овие лица се вработени, што покажува како високата севкупна економска продуктивност во САД ги зголемува платите дури и за оние со најмалку вештини.

Вообичаеното објаснување за приближувањето на платите е дека високото образование во Британија се проширило пребрзо, па сега премногу луѓе се запишуваат на факултет. Сепак, слични проширувања на други места не довеле до истиот исход.

Напротив, доказите укажуваат првенствено на проблеми во економијата, а не во образовниот систем: слаб раст на продуктивноста и невообичаено мал број добро платени професионални и раководни работни места што навистина бараат високо образование.

Економската стагнација е причината и за фрустрациите на британските работници без диплома, кои се разочарани поради тоа што образовниот систем не им понудил технички и стручни патеки кон успешна и ценета кариера.

Корисна референтна точка е Германија, каде што учениците рано се насочуваат кон академски или кон технички патеки. Оние што ќе ја изберат втората опција можат да бидат сигурни дека ќе најдат релативно добро платени работни места. 

Но, не е толку едноставно. Статусот што го носи одредена квалификација зависи од работното место и платата што таа ги обезбедува, а не од дипломата. Она што навистина ја разликува Германија од Британија е поголемиот производствен сектор, кој создава поголема вредност и нуди повисоки плати. Германските фабрички работници заработуваат 50 отсто повеќе од нивните британски колеги, предупредува Берн-Мурдок.

Германците многу скоро може да се најдат во позицијата на Британците, со оглед на брзиот развој на кинеската индустрија за електрични возила, кој сè повеќе го загрозува германскиот извоз на автомобили. Падот на производството секако ќе го намали бројот на квалитетните работни места за физички работници.

Од другата страна на Атлантикот, сликата е спротивна. Динамичната економија на земјата доведе до раст на платите во широк опсег на сектори. Фабричките работници во САД заработуваат 60% повеќе отколку во Британија, откако ќе се земат предвид разликите во трошоците за живот. Водоводџиите и електричарите заработуваат 90% повеќе, а работниците во малопродажбата – двојно повеќе.

Тоа не значи дека не вреди да се има добар образовен систем. Но, ако навистина сакаме подобри резултати, мораме да престанеме да ги гледаме одредени квалификации или форми на образование како нешто што само по себе носи конкретни економски исходи и обезбедува почит. Наместо тоа, на образованието треба да се гледа како на процес на создавање потенцијал, кој потоа треба да биде активиран од силната економија, истакнува Бен-Мурдок .

11 август 2026 - 12:58