Нарко-картелите владеат со 70% од Мексико

Организираните нарко-банди контролираат поголем дел од Мексико отколку владата, тврди пратеник од владејачката партија Морена. Имаат своја армија од 185.000 луѓе. Не профитираат само од дрогата. Со закани и ликвидации местат избори, а потоа собираат рекет од ситните бизниси и контролираат плантажи и рудници. Лани ѝ направиле штета од 18% на мексиканската економија.

Пратеникот Хуго Ерик Флорес Сервантес го опишува системот во Мексико како превртена пирамида на моќта. Бандите ја градат својата моќ од најмалите локални заедници за да ја прошират контролата.

Да не се лажеме. Организираниот криминал назначува градоначалници. На почетокот финансираа политички кампањи, а сега тие се владетели, предупредува Флорес, адвокатот со докторат од Харвард. 

Доналд Трамп прогласи неколку мексикански банди за терористички организации и неколку пати ѝ понудил на мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум да испрати американски трупи преку јужната граница за да се вклучат во борбата против картелите. Шајнбаум објави дека ќе нема „инвазија“ и дека Мексико самиот ќе се справи со проблемот.

Мексиканските власти веќе 19 години водат крвава војна со трговците на дрога, во која загинаа повеќе од 300.000 луѓе. Сепак, картелите ја зголемуваа својата моќ и бројноста. Во 2024 година имало 33.000 убиства, односно по 85 секој ден. Шајнбаум годинава нареди голема офанзива, во која беа уапсени илјадници луѓе, беа запленети големи количества дрога и беа уништени лаборатории. До април годинава крвавиот биланс се намалил на 63,5 жртви на ден, но стапката на убиства останува меѓу највисоките во светот.

На изборите на кои победи Шајнбаум беа ликвидирани повеќе од 200 кандидати или луѓе што најавиле дека ќе се кандидираат на разни функции. Од почетокот на оваа година убиени се 86 актуелни или поранешни функционери.

Се проценува дека денес наркокартелите заедно располагаат со 185.000 луѓе под оружје, што е половина од составот на целата мексиканска војска. Со оваа армија наркокартелите ги бранат своите богатства и економски интереси, кои повеќе не се само пратките со дрога кон САД. Организираниот криминал е навлезен во дистрибуцијата на храна и гориво, во јавниот транспорт и рударството. Во 2024 година криминалните активности предизвикале штета проценета на 18% од БДП на Мексико – шест пати повеќе од буџетот за здравство и пет пати повеќе отколку што државата издвојува за образование.

Главниот извор на пари се малите и средни бизниси, од кои картелите изнудуваат рекет. Одбивањето се казнува со палење на бизнисот, киднапирање или ликвидација. Бројот на изнудувања пари во изминатите десет години се зголемил за 83%. Во првите три месеци од оваа година имало 6.000 инциденти поврзани со рекет, и тоа сметајќи ги само оние за кои е отворена истрага. Многу повеќе луѓе плаќаат и молчат.

Во јули јавноста беше потресена од судбината на 62-годишна поранешна учителка, која се издржувала возејќи такси и одбила да плати рекет. На интернет беше објавена снимка на која жената со врзани раце пред девет маскирани и вооружени луѓе вели: „Моето име е Ирма Ернандез Круз, го возам таксито 554. Драги колеги таксисти, не си играјте со бандата Веракруз. Платете колку што бараат за да не завршите како мене“. Неколку дена подоцна, полицијата го пронашла нејзиното тело.

Во Мичоакан го контролираат производството на авокадо, во кое се вклучени 250.000 луѓе. Мексико извезува повеќе од милион тони авокадо и заработува 3,42 милијарди долари. Според Глобалната иницијатива против организиран криминал, 80% од новите плантажи на авокадо во Мексико се илегални.

Локални моќници прво нудат мито на функционери за да одобрат изградба на плантажи на заштитено земјиште. Ако одбијат, доаѓаат картелите. Тие ги чистат селата и ги убиваат селаните. По некое време, освоената територија станува плантажа и добива лиценца за извоз, вели еден локален бизнисмен.

Во Гереро во 2022 година се водела крвава битка помеѓу банди за контрола на пазарот на кокошки. Бандите ја контролираат и цената на пченкарната тортиља. Околу 20.000 продавници, односно 15% од пазарот, се под постојан притисок да им плаќаат неделен рекет на картелите.

Картелот Халиско, прогласен во САД за терористичка организација, од 2019 година заработува милиони долари од шверц на 40 тони жива од Мексико во Боливија, Перу и Боливија за да се користи во производството на злато.

14 октомври 2025 - 12:28