Неколку месеци по почетокот на војната Русија и Украина потпишаа договор со Обединетите нации за продолжување на извозот преку Црното море, со кој беа извезени вкупно 33 милиони тони житарки.
Со договорот Русија гарантираше безбеден премин на бродовите преку Црното море товарени со украински житарки. Како дел од договорот во Турција беше основан Заеднички центар за координација, кој ги проверуваше и монтиорираше бродовите. Со договорот беа опфатени пристаништата во Одеса, Черноморск и Јужни.
Деновиве договорот требаше да биде продолжен, меѓутоа во понеделникот, неколку часа по нападот на Кримскиот мост, Русија објави дека се повлекува тврдејќи дека ОН и западните држави не успеале да ги исполнат условите неопходни за продолжување на договорот.
Русите тврдат дека западните санкции против поединци и државната земјоделска банка го спречуваат рускиот извоз, и со тоа го попречуваат потпишувањето на нов договор. Враќањето на руската земјоделска банка во СВИФТ системот беше едно од клучните барања за Русија кое ЕУ одби да го исполни.
Украина пред војната произведуваше доволно храна за извоз која задоволуваше околу 400 милиони луѓе, месечно извезувајќи по околу 5 милиони тони жито и маслодајни семки преку Црното море. Најголеми увозници на украинско жито беа африкански нации како Египет и Либија.