Наместо да воведува ред, британската полиција ќе го крие нередот

Британски детективи денес изгубија секаква допирна точка со Шерлок Холмс. Наместо да патролираат, да решаваат криминални случаи и да гонат убијци, наредено им е да бараат и да цензурираат антиимигрантски пораки и повици на протести по социјалните мрежи. „Дволичниот Кир не може да ги контролира улиците, па се обидува да ги контролира мислењата“, обвинува опозицијата.

Британската влада формира елитна полициска единица со задача да ги следи социјалните медиуми и да предупредува на објави насочени против мигрантите. Целта е да рано да се откријат и да се спречат очекувани протести и немири за време на летото, за да не се повтори ситуацијата од лани, кога полицијата бавно и лошо реагираше на масовните нереди во Саутпорт. 

Пред хотелите преуредени во центри за згрижување азиланти веќе има протести. За време на викендот граѓани во Норич, Лидс и Борнмут масовно повикуваа на акција против нелегалната миграција. 

Дволичниот Кир не може да ги контролира улиците, па затоа се обидува да ги контролира мислењата. Тие формираат централа за следење на она што го објавувате, што го споделувате, што мислите, бидејќи знаат дека јавноста не го купува она што ѝ го продаваат. Лабуристите престанаа да се преправаат дека ја средуваат Британија и почнаа да се обидуваат да ја замолчат. Премиерот би бил среќен да ја претвори Британија во држава под надзор, но нема да депортира странски криминалци, нема да патролира на главните улици, нема да финансира полициско дејство на првата линија, изјави Крис Филип, министерот за внатрешни работи во сенка на опозициските конзервативци.

Активисти што повикуваа на протестите за време на викендот тврдат дека нивните објави на социјалните мрежи биле цензурирани, согласно новите закони за безбедност на интернет.

Националниот центар за полициска координација (NpoCC), задолжен за следење и контрола на протести и немири, ја управуваше и операцијата Тала, националниот полициски одговор за време на пандемијата на ковид, спроведувајќи ги мерките за изолација и карантин. 

Овој тим ќе обезбеди национален капацитет за разузнавање на социјалните медиуми и ќе дава совети за оперативни одлуки на локално ниво, за да се управува со заканите и ризиците за јавната безбедност, порачала министерката за внатрешни работи Дајана Џонсон во писмо до пратениците спроти летниот распуст.

Повод за засилениот надзор е извештајот за реакцијата на насилните протести што избувнаа лани во Саутпорт, откако 17-годишниот Аксел Рудакубана со нож уби три девојчиња и се обиде да убие многу повеќе. На 30 август низ Саутпорт се проширија гласини дека убиецот бил муслимански азилант, по што толпа ги нападна локалната џамија, домовите и продавниците на муслимански семејства и полициските кордони. Извештај за нередите укажа дека „полицијата не ги следела брзите онлајн комуникации и била премногу пасивна во однос на дезинформациите“.

Ребека Винсент од организацијата Биг Брадер Воч, изрази загриженост дека новиот истражен тим може да заталка во контролирањето на мислењата на интернет.

Планот на Министерството за внатрешни работи за создавање нова полициска единица за следење на социјалните медиуми е вознемирувачки и морничаво потсетува на единиците за борба против дезинформациите од ерата на ковид, кои беа предмет на општо јавно негодување. Не е јасно како полицијата ќе ги користи информациите што ги собира или дали ќе се обиде да се меша во онлајн содржината како што и претходно правеа овие орвелијански единици. Ресурсите треба да се вложат во соодветно физичко полициско работење за да се обезбеди јавна безбедност, наместо во надзор на говорот на интернет, изјави Винсент.

Питер Кајл, секретарот за наука, изјави дека владата би можела да ги затвори онлајн платформите како X, ако не се придржуваат до новите закони за безбедност на интернет. Стејт департментот на САД реагираше со соопштение во кое изрази загриженост дека зголемената регулација на социјалните мрежи во Европа претставува „орвелијанска“ цензура. 

30 јули 2025 - 08:32