Наместо да го пресуши, Трамп загњури во мочуриштето

Уште во првиот мандат а особено во пресрет на вториот, Доналд Трамп го опишуваше политичкиот Вашингтон како корумпирано мочуриште кое тој ќе го пресуши. Наспроти тоа, во лавината извршни уредби кои ги потпиша уште првиот ден, меѓу другото реши од ланец да ги пушти лобистите, да го олабави добивањето подароци и да ги укине етичките правила на оваа тема кои ги донесе Бајден.   

Извршната наредба од времето на Бајден забрануваше подароци од лобисти и го прошири пропишаниот период на „ладење“ за функционери кои ја напуштаат федералната служба за да се приклучат на фирми за лобирање. Таа наредба, исто така, наметна едногодишна забрана за „лобирање во сенка“, вообичаена практика во Вашингтон по која поранешните функционери, демек не лобираат директно ама затоа ги „советуваат лобистите.“

Камен на камен не остана од тие етички правила бидејќи Трамп ги укина уште првиот ден во Белата куќа. Тој имаше воведено свои етички правила во првиот мандат, но ги укина кога заминуваше и ги ослободи тогашните и поранешните функционери од нивните обврски на 20 јануари 2021 година.

Граѓански асоцијации велат дека со ваквиот потег, Трамп ги отвора портите за непречен судир на интереси и создава терен политичката моќ полесно да се претвора во пари.

И самиот тој се сомничи за конфликт на интереси поради своите крипто профити а и Меланија не е поштедена поради нејзиниот скорешен, 40 илионидолари вреден договор со Амазон за објавување нејзина биографија.

Што се однесува до неговата компанија, Trump Organization, со која тој ги прекина формалните врски, таа доброволно си наметна забрана за склопување договори со странски влади, но не и со приватни компании во странство.

Трамп во својот кабинет има петмина поранешни лобисти.

23 јануари 2025 - 14:41